ГАЗАТ ПО НАС… – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski foto

Македонската општествено-политичка стварност во последниве десеттина години е врамена во една „природна демократска рамка“ во која се гази човековата слобода и се гази достоинството на луѓето. Газат по нас, газат по децата, газат по мртвите, газат по правдата, газат по вистината, газат по разумот… Газат безмилосно и крвнички. Врховистички сурово, безобразно и антинационално газат по македонистичкото, антифашистичкото и државотворното минато. Газат по сè што стои пред нив, газат без да се погледнат наназад. Не гледаат и не почитуваат ништо, туку важно им е само да останат на власт и да заработат. Ни ја зедоа државата и ја распродаваат како нивна сопственост. Нè задолжуваат за генерации нанапред и им ја уништуваат иднината и на неродените. Всушност, сè обидуваат да ни ја земат честа и достоинството, личната и економска безбедност, здравјето и егзистенцијата… Го с`скаат народот да се закрви меѓу себе, предизвикуваат меѓуетнички тензии и конфликти, дозволуваат дрогите да ги преплават улиците и училишните дворови, за децата да ни се дрогираат и безгласно да умираат стуткани во некоја темна уличка, пропагираат алхохолизам и проституција, „советуваат“ да се бара бугарски државјанства и да се иселуваат младите…, или едноставно кажано, ја убиваат Македонија постепено, ја убиваат без отпечаток на пиштолот!

Страшната стварност, уште пострашна станува заради неверојатниот морален нихилизам со кој е пропратена. Сведочиме сите дека најголемиот број од нашите луѓе, а особено од нашите „интелектуалци“, немаат внатрешна сила да изразат гласен протест против општествено-политичката инквизиција, ниту имаат волја да се спротистават на обидите да бидат корумпирани и морално избербатени. Сведочиме дека неслободата се оцртува како сурова реалност, а срамниот молк е востоличен како врвна уметност на живеењето! Едноставно кажано, слободата, кај нас, се претвори во инкохерентен политички концепт, оти портокаловите властодршци преку комбинација на механизмите на државната власт, масовна корупција и медиумската манипулација, постепено го одзедоа просторот за нормално мислење и за практикување на демократијата.

Малкумина беа спремни да размислуваат за газењето на слободата и луѓето, а, уште помалку, сакаа да влезат во конфликт со портокаловата власт, со нивните заслепени приврзаници, со нивната мантра на толкувањето на минатото и сегашноста. Така, кај нас нормален и прифатлив стана моралниот нихилизам, кој, помеѓу останатото, ја изнедри срамната „слобода на прилагодување“ кон постоечката грда стварност! Тоа значи дека мнозина „неутралци“ и портокалови приврзаници решија како сопствена слобода да го прифатат концептот на „лимитирана слобода“ и да се вклучат во одобрувањето, практикувањето и одбраната на еден криминално-мафијашки и фашизоиден систем. За нив прифатливо беше безгласното учество во бирократските институции и извршувањето на професионалните задачи, соучесништвото во кражбата на сопствената земја, гласното величење на национализмот и врховизмот, одобрувањето на антимакедонскиот историски ревизионизам и малоумната лустрација на политичко-идеолошките неистомисленици, ѕвекетот од синџирите со кои ги оковуваа неистомислениците, дури природна и нормална им беше хистеричната демонизација на политичката и аполитичката опозиција.

Со тој портокалов концепт на слобода, во кој е дозволено неодговорно и бесрамно да се гази по сè, концепт кој практично е само модерна инквизиција на оцрнување и отстранување на политичките и идеолошките противници, може да се среќни и задоволни само некои „првобитни цицачи“ кои немаат развиено никакви мозочни бразди, ниту имаат било какви чувства, кои немаат никакви хуманистички стремежи, кои не го слушнале зборот слобода, кои немаат ниту идеја за подобар и поправеден живот, туку единствено се задоволни со можноста од избори до избори да гласаат онака како што ги подготвила пропагандата, или им наредил некој локален партиски шериф. Фактички, немилосрдното газење на сè што им стои на патот кон зачувување на власта и моралниот нихилизам со кои тоа е пропратено, Македонија ја донесе во гангренозна состојба заради која бавно и болно умира пред нашите очи. За да се излекуваме, за да ја отстраниме опасноста, за да се спасиме и ние и државата, потребно е да го спречиме неказнетото газење по нас, да го прекинеме газењето по македонизмот и антифашизмот, да го спречиме газењето по правдата и принципите, односно нужно е сите откриени измами, кражби, изборни корупции, насилства, злоупотреби на државната и политичката моќ…, судски да се процесуираат и осудат. Лаконски кажано, Македонија може да преживее само ако се врши и изврши правдата и се врати слободата!