ВО КАНЏИТЕ НА СУЛТАНОТ АХМЕТИ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

Добро е познато, како во 2001 година беше формирана албанската партија ДУИ и како преку ноќ нејзиниот лидер Али Ахмети од предводник на терортистички групации се преобрази во борец и заштитник на правата на македонските Албанци. Тогаш, покрај дотогашните воени главешини, во раководството беа вклучени и одреден број истакнати интелектуалци, кои што со своите умерени и проевропски ориентации требаше да овозможат нејзина постапна профилација во партијата, со нагласени демократски и евро-интегративни определби.

Тие настојувања, проследени со перманентни внатрешни партиски конфликти помеѓу т.н. воено крило и застапниците на полибералната струја, секогаш завршувааа со елиминација или прераспоредба на малобројните опоненти, при што, пресудна одлука донесуваше лидерот Ахмети. Под негово водство, веќе една деценија ДУИ е верен сојузник и поддржувач на груевистичкиот режим, извршувакќи ја улогата на заштитник на неговиот криминал, што беше јасен показател дека и самото раководство има замешателство во сите тие незаконитости, како во изборните измами така и во разните апашлуци. Тој вазалски однос кон ДПМНЕ, меѓудругото, беше причина повеќемина високи функционери и поранешни команданти на ОНА да му завртат грб на Ахмети и да се приклучат на новосоздаденото албанско опозициско движење. Според многумина, довербата во оваа партија меѓу гласачите е мошне опадната и се проценува дека на претстојните избори во декември, таа ќе го загуби приматот меѓу албанските партии и ќе биде казнета за сите нејзини дволични игри што ги практикуваше во заедничкото владеење со ДПМНЕ.

Низ примерот на досегашната политичка биографија на Теута Арифи, моментно градоначалничка на Тетово, а претходно една од помаркантните фигури во најблиското опкружување на Ахмети, може најсликовито да се опише налчинот на кој што во партијата се дисциплинираше секој независен политички индивидуалитет, што не се вклопуваше во султанатското владеење на партискиот лидер. Како што е познато, своевремено таа ги освои симпатиите на јавноста со своите слободоумни колумнистички настапи во медиумите, застапувајќи цврсти евро-антлантски определби во македонската политика и поголема толеранција во градењето на меѓуетничките односи. Теута Арифи влеваше надеж дека сепак и во албанскиот етнички корупус постојат сили со неуниформни ставови кои што иницираат посовремени концепти за постојните етнички проблеми и за македонските европски перспективи. Но, подоцна, инсталирана како шеф на пратеничката група на ДУИ и особено по преземањето на вицепремиерската должност за европски интеграции во владата на Груевски, извршувајќи строго партиски директиви, таа почна да се претопува во сивилото на тендерската меѓукоалициска политика, која што влезот во НАТО и ЕУ го третираше како опасна мисија, условена со неприфатливите грчки вета за името и идентитетот на нашата држава. Поточно, прашањето на евроинтеграциите му служеше на Ахмети како празна парола за замајување на меѓународната заедница, божемски единствено тој и неговата партија можат да влијаат на остварувањето на таа цел, односно да извршат притисок врз Груевски да прифати компромиси во спорот со Атина.

Во такви околности вицепремиерката Арифи беше принудена македонските неуспеси на европскиот пат постојано да ги правда со разни бесмислени причини, иако самата беше свесна дека во таа режирана претстава на ДПМНЕ  нејзе и била доделена улогата на “жртвено јаре”:  да се преговара со ЕУ, ама ништо конкретно да не се договори со неа!

Подоцна, во ривалската битка со ДПА на Мендух Тачи околу освојувањето на локалната власт во Тетово Ахмети реши, што се вели, “да жртвува дама за пешак”, кандидирајќи ја Арифи за иден градоначалник, функција која што ни оддалеку не соодветствуваше на нејзините интелектуални и политички квалитети. Секојдневно соочена со решавање на пренатрупани комунални проблеми, лимитирани со недоволен општински буџет и зависни од милоста на централната власт, таа доживеа  општограѓански револти и незадоволства  поради неколкугодишната стагнација на градот, што резултираше со губење на нејзиниот поранешен политички углед и партиски авторитет.

Бевме сведоци, дека слично како неа помина и темпераментната интелктуалка Ермира Мехмети по обидот со неколкумина истомисленици, да укаже на одредени грешки во партиското раководство и на потребата од неодложно реформирање и демократизирање на внатрешните односи во ДУИ.

Меѓутоа, лидерот Ахмети, налик на својот владин сојузник Груевски, присвојувајќи ја партијата и управувајќи со неа како со домашна дресирана пудла, не успеа да сфати дека и најверното куче, кога ќе остане гладно и исфрлено од домот почнува да каса и да р`жи на својот омразен стопан. Поранешни истакнати и заслужни функционери на ДУИ и ДПМНЕ, преминувајќи во опозиционерските редови јасно ставија на знаење дека на декемвриските избори не само што ќе се борат за промена на власта, туку ќе бараат и најстрога одговорност за извршените самоволија на своите довчерашни партиски водачи.