БЕРЛИН (АА) – Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, претседателот на Русија, Владимир Путин и претседателот на Украина, Петро Порошенко се состанаа вчера во Берлин и разговараа за кризата во источниот дел на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот на лидерите на четирите земји е одржан во седиштето на германската Влада, во Берлин, во период кога е забележан тренд на интензивирање на судирите меѓу украинските и сепаратистичките сили во кризниот украински регион Донбас.
По доаѓањето во Берлин, учесниците на состанокот не даваа изјави за медиумите, а германската канцеларка Меркел претходно изјави дека не треба да се очекува чудо од состанокот, но дека е важно да се задржи дијалогот.
Меркел изрази надеж дека сите страни ќе вложат дополнителни напори за целосно спроведување на Мировниот договор од Минск.
Последниот состанок на лидерите на Германија, Франција, Русија и на Украина е одржан во октомври минатата година, во Париз.
Иако уште во февруари минатата година е потпишан Мировниот договор во Минск, источниот дел на Украина и понатаму е средиште на чести судири и кревко примирје. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за неговото кршење.
Од Обединетите нации и од ОБСЕ претходно е предупредено: „Кризата е далеку од завршување и дека не би требало да се изгуби од радарот на меѓународната заедница“.