ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МАРКО ЗВРЛЕВСКИ – НЕ СПЕЦИЈАЛЕН, ТУКУ ОБИЧЕН ОБВИНИТЕЛ
Не случајно, господине Зврлевски, Ве нарекувам обичен обвинител, туку бидејќи во оваа наша Македонија има специјални крадци и криминалци, а за нив има специјално обвинителство и вие тие не ги третирате нели, па логично е дека Ви преостануваат обичните крадци и би требало тие да ги третирате.
Но, и за тие немате ниту храброст, ниту концепт. Јас, граѓанинот, кој плаќам данок за безбедност, ред и поредок, сум оставен сам да се штитам, сам да судам и обвинувам. Тоа не е во ред, ама “ред си е ред“, нели. Мој имот – моја мака, мои пари, мој спокој, мој мир… и одеднаш стигнува натрапникот, а мојот имот и “загарантираната“ приватност стануваат и негови, моите пари се небитни и тој, некој друг, може да го уништува тоа што јас сум го купил одвојувајќи од себе, да го краде. Мојот спокој станува неспокој, а немирот се всадува во ова, до вчера, спокојно место.
Кој е натрапникот?
Вие господине Зврлевски, вашите обвинители кои несовесно работат, судиите кои несовесно судат, полицајците кои со месеци не можат да уапсат обичен крадец кој тероризира цела една населба, село на само 10 км од Скопје. Значи среде метрополата на државата која нема систем да се справи со обичен престапник. До системот ли е или што? Со години наназад гледавме специјалци како на полноќ апсат, затвораат со автоматски оружја, експресно завршуваат акции, а овој криминалец кој се доселил дури од Струмица во скопскава околија никако да го уапсат.
Овој лик кој се вика Тимче Манев, а нема никакви документи со себе, досега има провалено, односно сторено 60 кражби. Некои домови се обиени најмалку по 5 пати од него, а рекордите се по 10 – 15 пати. И тука сакам да ве прашам, господине Зврлевски, Вас и Вашите обвинители, за вас тоа не е кривично дело ли? 10 пати скината ограда, по 50 евра штета е еднаква на 500 евра. 10 пати скршени врати и прозорци по стотина евра се еднакви на 1000 евра, па украдени предмети, алат, храна… и згора на сето уништен спокој, страв, немир, нервози дека некој ви влегува дома, ви спие, ви се шета, ве тероризира.
Вашите одговори биле дека тој крадел од нужда за да преживее. Па, супер господине Зврлевски, земете го дома и Вас нека Ве краде, Вас нека Ве обива во континуитет, Вашите деца нека се плашат да преспијат, Вие нервирајте се дека некоја будала Ви диктира што да правите Во Вашиот дом. Тимче Манев извршил 60 дела, само тие кои ги пријавиле, јас не пријавив барем 3, значи реално со сѐ тие кои не ѝ веруваат на државата и системот, па воопшто не ни пријавиле, бројката е сигурно барем дупло поголема. Таа математика со мала штета од нужда кај стотина дела по сто- двесте евра, не ќе да е незначителна штета, господине Зврлевски.
Мене државата ми ја блокира сметката за 130 денари неплатена радиодифузна такса за телевизија што не ја гледам или ми го исклучуваат фиксниот телефон за една-две неплатени сметки по 500 денари, или за струја за 1000 денари, а Тимчо наш 10 пати сече иста ограда, крши врата и краде покуќнина и храна, за Вие да речете дека тоа не е за гонење, а камоли притвор!? И така Тимче скоро цела година тероризира, а полицијата вели: „Нема што да правиме еднаш го фативме (а всушност го фатила ракијата во еден од подрумите каде се начукал, па пријавиле и го собрале), но Обвинителството го ослободило“. Образложението на судијата било дека нема потреба од притвор-нема голема штета, краде само храна. А, очигледно попат забораваат дека за да дојде до храната треба да исече ограда, скрши прозор, обие брава и врата… вознемири по кој знае кој пат некое семејство.
Револтот кај мештаните е огромен, тие бидејќи нема фајде од полицијата сами прават заседи, го чекаат со ловечки пушки, со пиштоли и сами изиграваат полиција. Со селски стражи во 2016 година, замислете, во периферијата на главниот град Скопје, само за да го фатат, го тргнат за да се отарасат. Во тие бескрајни исчекувања, пред две недели полицијата го прибира и по 24 часа притвор повторно го пушта -Обвинителството не сакало да слушне за никаква вина и криминогено однесување. И еве вчера, Тимче повторно го фатиле селските стражи, тука на 10 км од Скопје и го предале на полицијата. Денеска во 14 часот поминуваат 24-те часа како тој е приведен во полицијата, па “како што е редот“ во оваа држава, Обвинителството ќе одбие да побара притвор, и тој ќе е повторно на слобода, односно “на гости“ кај нас, во неговата населба на мета. Ние, граѓаните повторно ќе сме на штрек на стража. А, треба ли некој некого да убие? И сега клучното прашање господине Зврлевски, обвинител, неспецијален-обичен за обични крадци.
Чија ќе биде вината ако некој од граѓаните поради немир, неправда, притисок, гнев, ваша немоќ, откако овој по 15-ти пат му влезе во домот да го краде, земе и го упука? Кој ќе биде криминалецот? Тој што пукал и се бранел, тој што влегол најдрско по 15-ти пат да му крши и уништува имот и го краде, тие као вас, како институции што незаинтересирано велат слепо, нема тука битна штета, човекот краде од нужда!?
А, ако јас пукам од нужда, затоа што полицијата не ме штити, државата ме остава на милост и немилост на еден натрапник- кој е “крив“? Ако некој стави отров во таа храма што ја краде-кој е „крив“? Дали тогаш ќе ви биде полесно да пресудите, бидејќи вакви обични грижи кога граѓаните бараат ред, закон и правда, не ве загрижуваат. Вие барате само убијци, а не сакате да спречите-да превенирате, да рехабилитирате… туку само чист криминал е чиста работа и лесно се пресудува.
Дали године Зврлевски, еве зашто нема да пукам бидејќи и немам со што, ако земам да го претепам со некој стап кој ќе ми се најде во шумата, дали пак јас ќе бидам крив затоа што од бес заради неговата дрскост му искршам глава, раце, нозе? Пак ли јас или кој и да е што ќе го направи тоа, ќе бидам виновен или ти што не ме штитиш? Денеска во 14 часот од полициската станица Кисела Вода во Скопје, натрапникот кој го тероризира Сопиште и викенд населбата ќе биде пуштен на слобода, а сите ние ќе бидеме на негова милост и немилост, дали ќе ја обие мојата, твојата или онаа на соседот куќа за да се послужи.
Самиот тој вели, “мене ми е сеедно дали некој ќе ме пука или тепа, ќе ме спаси од маките“, ама прашањето мое е, како треба ние да се спасиме од него? Ве прашувам Вас господине Зврлевски бидејќи Вашите обвинители, не оние на Катица Јанева, го ослободуваат? Има ли Македонија институции И сега на крај, како да му помогнеме на Тимче кој порано имал свој дом во Струмица, сѐ прокоцкал, сѐ потрошил, го прошетал светот… нема ни родители, ни роднини. Како да го спасиме, бидејќи изреволтираните мештани кои ги тероризира многу лесно можат да посегнат по неговиот живот. Како да го спасиме него и да го спасиме тој, кој можеби нема да може да го исконтролира својот бес и можеби ќе посегне по неговиот живот.
Помисливте ли на тоа, господине Зврлевски, дека може да се случи така убиство од “нужда“, затоа што полицијата не го притвора, вие не го затворате, судиите не пресудуваат, социјалците одбиваат да го третираат како социјален случај или бездомник. Па, кој да го реши, зошто пак јас? Ајде вдоми го ти, бидејќи институционално не можеш да го решиш. Или судијата кој вели не е за притвор, тој нека го земе! Вам тие пари и штети кои ги прави Ви се незначителни.
Или можеби треба да Ви поднесам кривична пријава за несовесно работење и вам, и на полицијата, и на судијата кој не пресудува. Или да ја тужам државата Македонија затоа што ме дискриминира како совесен и послушен граѓанин, дозволува да ме тероризира обичен криминалец и натрапник, кој крадел само храна од нужда. А, ако посака можеби така од нужда и девојка, ете му се присака и тоа ли ќе му го простите, или пак му притреба да ја вози вашата кола…или гарантирате дека не е таков и сигурно нема да посака такво нешто ? Сигурни ли сте?
Денеска во 14 часот не треба да го ослободите Тимчо Манев од полициската станица и по тоа 24 часовно приведување. Денеска треба да најдете начин и да му помогнете и Вие господине Зврлевски или Вие министерке Ременска или Вие од домовите за бездомници. Да му најдете работа, или што и да е! Не смеете да го пуштите да оди да прави нови недела затоа што, доста е. Нему му е сеедно, нам не ни е! Овие дрски кражби и насилни влегувања, можеби и ние, како и вие, и ќе му ги простиме ама за нови кои сигурно пак ќе ги направи, зашто тој и не крие, веќе од денес ако го пуштите, не знам што ќе биде крајот. Јас би сакал да можам да ги предупредам сите кои разлутени го чекаат пак на селските стражи да го фатат, но повторно ќе Ве прашам кој ќе биде виновен ако настрада Тимче Манев? Кој ќе биде виновен што вака Вие ќе регрутирате друг делител на правда, обвинител и судија и таа работа ќе ја вршиме ние, а не Вие како институции на системот? Кој ќе биде виновен, ве прашувам вака отворено пред сите? Јавноста има право да знае се , нели!
Фб статус, Драган Антоновски – новинар