ПОСТЕРОТ ЗА „МАКЕДОКС“ ВО КОНКУРЕНЦИЈА ЗА НАЈДОБАР ДИЗАЈН НА ФЕСТИВАЛ ВО ЧЕШКА

Сподели

Постерот на Самир Карахасан за седмото издание на Интернационалниот фестивал за креативни документарни филмови „МакеДокс“ се најде во конкуренција на годинешниот натпревар за најдобар филмски постер што се организира во Чешка. Неговиот постер е од вкупно 27 кои годинава ќе се борат за наградата од публиката и од жирито, составено од претставници на филмски фестивали.

Според правилата на натпреварот, постерите треба да се направени помеѓу 2015-2016 година. Постерот на Карахасан е направен за овогодинешното издание на „МакеДокс“ што се одржа во Куршумли ан, од 20 до 26 август.

Натпреварот е во склоп на 20-то издание на фестивалот за документарни филмови Jihlava, каде по седми пат се одржува работилница за филмски професионалци. Работилницата се фокусира на создавање на заедничка платформа што ќе соедини претставници на фестивали, каде тие ќе разменат идеи и ќе развијат мултинационална и мултикултурна мрежа.

За време на фестивалот, кој ќе започне на 25 октомври, а ќе трае до 30 октомври, посетителите ќе можат на лице место да гласаат за наградата од публиката, или тоа може да го направат онлајн на веб-страницата на фестивалот.