Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, денеска го известил Специјалното јавно обвинителство дека не дозволува истражители на СЈО физички да бидат присутни во УБК додека не дојде надворешниот експерт, кој треба да помогне во извлекувањето на податоците од системите за прислушување.
„Откако беа прибавени поголем дел од податоците, а со цел целосно спроведување на судската наредба, во текот на вчерашниот ден беше побарано од директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање да дозволи физичко присуство на истражители од ова Јавно обвинителство во просториите на Управата се до доаѓањето на надворешниот експерт кој би асистирал при спроведување на судската наредба. Ваквото наше барање не било прифатено, за што денеска добивме и писмен допис од директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање“, велат од СЈО.
Во дописот специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим биле известени дека УБК „како институција овозможува гаранција дека опремата и системите кои се предмет на наредбата во целост се безбедени, согласно прописите за класифицирани информации и дека „барањето не е прифатено и поради почитување на принципите на тајност на функционирање на Управата, вклучувајќи ја и конспиративноста на идентитетот на припадниците на Управата“.
Од СЈО велат дека, имајќи го предвид ставот на директорот на УБК, до доаѓањето на надворешниот експрет од „Ериксон“ одговорноста за обезбедување на опремата во целост ќе биде на товар на УБК.
„Појаснуваме дека компјутерските податоци кои треба да се одземат ќе овозможат утврдување дали се вршени манипулации со системите или се бришени одредени податоци. Воедно ги имаме предвид и гаранциите на министерот за внатрешни работи, кој во текот на вчерашната вечер, а и за периодот што следува, се до доаѓањето на надворешниот експерт, презеде дополнителни мерки за обезбедување на кругот на Министерството за внатрешни работи, каде е лоцирана и Управата за безбедност и контраразузнавање“, потенцираат од СЈО.
Обвинителите на Специјалното јавно обвинителство вчера попладне ја напуштија УБК со дел од бараните податоци, но само по неколку часа, Јанева беше принудена да се врати во Управата, откако од таму беше избркан истражителот кој останал да ја надгледува состојбата до доаѓањето на надворешениот експерт.
Во меѓувреме во полициската станица беше приведен друг истражител на СЈО, бидејќи, како што изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, фотографирал објект сопственост на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.