ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права денес прави четири години од своето отворање. За тоа време, иако притисокот, нетолеранцијата и дискриминацијата врз заедницата се зголемиле како производ на отворено хомофобичната кампања на власта, од таму тврдат дека тоа само поттикнало поголема сплотеност, солидарност и борбата за правда.
Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, вели дека Центарот бил отворен, како одговор на започнатата хомофобична кампања од страна на високи претставници на институциите на државата.
„Самото надградување на програмата во Центар за поддршка беше некој вид на најава дека работите не одат на подобро, туку напротив, на полошо. Од една страна ја имаме државата и нејзините институции, кои не препознаваат прекршување на права, не препознаваат насилство и не ги решаваат случаите на насилство, поради што воопшто не можеме да зборуваме за прогрес, туку само за регрес“, вели Андоновски.
А од друга страна, додава, позитивната страна на сета несреќа е што сето тоа довело до тоа организациите кои се занимаваат со човекови права на ЛГБТИ луѓето, да се свртат кон самата заедница и да ја зајакнат за да може поуспешно да се бори за своите права и да бара еднаквост во едно вакво општество.
Во јавните институции, вели тој, има голем број професионалци на пониско ниво, каде веќе не е потребна политичката волја за соработка. Центарот имал интеракција со луѓе кои, посочува дека ги разбираат проблемите и сакаат да помогнат. Но, проблемот се јавува кога е потребна политичката волја која треба да ја искажат оние кои се назначени функционери.
„Во последните 10 години ние имаме функционери со отворено хомофобична агенда и политичка волја нема. За жал, немаме пристап до јавните институции на начин на кој би си помогнале едни со други, се со цел да ѝ помогнеме една маргинализирана заедница или поединечни случаи во таа заедница“, нагласува Андоновски.
Билјана Гинова, ЛГБТИ активистка, потенцира дека образовните институции се уште едно место каде што за жал, во Македонија се раѓа хомофобијата, место да се сузбива.
Истражување на ЛезФем, лезбејската група во Центарот, во кое проверувале учебници, покажало дека во нашето образование пред сé се родово прикажани улогите, но има и учебници кои сé уште се користат на факултетите кои имаат директно хомофобична содржина. Надлежните институции не ги препознале како хомофобични, но на барањата да се разгледа тој дел, добиле одговор дека се работи за авторска слобода на авторите кои го напишале учебникот.
„Образованието има многу силно влијание. Проблемот е што во самото образование се учи хомофобичноста. Не учиме да ги разбираме разликите и да дадеме слобода за изразување. Проблем е и што немаме сеопфатно сексуално образование. Не се работи само за луѓе со различна сексуална ориентација, полови карактеристики или родов идентитет, туку сеопшто за сексуалноста како прашање. Тоа е сé уште табу, не се зборува за тоа. А, кога се зборува, се зборува на дискриминирачки начин“, вели Гинова.
Забележува и дека како и во останатите институции, и во образованието има поединци кои се желни за работа, па во воншколските активности воведуваат такво образование. На пример, по предметот Граѓанско општество се таргетираат и родовите улоги и хомосексуалноста, но дали ќе се предава за тоа на учениците, вели дека „останува на добрата волја на наставникот“. Но, од нивното искуство на терен, вели дека е видливо дека никој не го спроведува тоа.
Текстот во целост прочитајте го тука