Павлопулос продолжува со радикалните пораки за Македонија

Сподели

prokopis_pavlopoulos_and_george_alogoskoufis_2008

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, вторпат неделава, овојпат од Солун, испрати порака дека Македонија е една и грчка и дека тој ќе направи сè што е во негова надлежност да го заштити грчкиот карактер на Македонија и нејзиниот територијален интегритет.

Павлопулос рече дека Грција сака да има добри и пријателски односи со Македонија, но никој нема право да бара и да краде туѓа историја и да се обиде да ја фалсификува својата историја.

„Се обврзувам дека ќе направам сè што е во моја надлежност за да ги заштитам и територијалниот интегритет и грчкиот карактер на нашата Македонија, врз основа на историјата, меѓународното и на европското право во нивна целост“, истакна Павлопулос.

На церемонијата во Солун, грчкиот претседател истакна дека Грција е мирољубива држава, но нејзините соседи треба да бидат свесни дека никогаш нема да го даде и да се откаже од она што е нејзина припадност бидејќи грчкиот народ во целост е обединет на таа тема.

Грчкиот претседател во вторникот од Воден, исто така, ја критикуваше Македонија и македонските политичари, обвинувајќи ги за иредентизам и за крадење историја, коментирајќи дека на овој начин нашата држава го прекршува европското право и нема услови да стане дел од европското семејство.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, по говорот на Павлопулос од вторникот, ѝ порача на Грција дека треба ја спроведе пресудата на Меѓуродниот суд на правдата, па потоа да говори за почитување на европското и на меѓународното право.

meta.mk