Левица: Партиите да формираат кордон за изолација на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

 

zdravko-saveski-860x680

Партијата Левица даде предлог за формирање експлицитен кордон околу ВМРО-ДПМНЕ за изолација на партијата, бидејќи, како што велат од Левица, таа е креатор на владејачки политики 10 години и со тоа ја упропастува Македонија.

– Потребно е сите опозициски партии, вклучително и партиите од албанскиот блок, да кажат експлицитно на јавноста и да потпишат заеднички меморандум, во кој ќе кажат дека нема да учествуваат во влада во која учествува ВМРО-ДПМНЕ и нема да поддржат влада во која учествува ВМРО-ДПМНЕ. На таков начин, не само што јавноста ќе има потранспарентна слика за позициите на сите политички партии учесници на изборите, туку и меѓународниот фактор ќе биде дестимулиран да прави некои постизборни комбинации што ќе ја вклучат партијата која зад себе има оставено крупен криминал во оваа земја и која ја упропасти оваа земја – вели членот на Левица, Здравко Савески.

Савески потврди дека Левица нема да поддржи и да учествува во влада со ВМРО-ДПМНЕ и дека самостојно ќе настапат на изборите.

Минатата недела Савески рече дека Левица ќе оди самостојно на изборите затоа што политичките партии од опозицијата ја игнорирале нивната иницијатива за обединет настап на сите антирежимски партии.