Репортери без граници на денешниот Светски ден против неказнивост за злосторства извршени врз новинарите ја објави новата листа на шефови на држави или влади, екстремистички или злосторнички организации, како и тајни служби, кои се означени како непријатели на слободата на печатот. Првпат на оваа листа се најде и името на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Вонредната состојба во земјата му овозможи контрола врз голем дел од релевантните информативни медиуми во земјата. Освен тоа, во Турција во затвор се најмалку 130 новинари, а затворени се најмалку 140 медиуми, соопшти организацијата Репортери без граници.
Првиот човек на организацијата Кристијан Мир за ДВ изјави дека бранот репресии во Турција во меѓувреме добил навистина застрашувачки димензии. Земјата се наоѓа „на пат кон диктатура“. Мир апелира до германската влада да заземе јасен став. „Од наш агол на гледање, не е доволно она што го прави портпаролот Штефен Зајберт, кој вели дека состојбата во Турција се следи ‘со загриженост’. Времињата на загриженост се одамна поминати“, нагласи Мир во интервју за ДВ.
„Многуте нови имиња меѓу непријателите на слободата на печатот покажуваат дека автократите и екстремистите од сите бои сѐ уште се чувствуваат сигурно дека нема да бидат казнети за своето потиснување на слободните медиуми“, нагласува портпаролот на раководството на Репортери без граници, Михаел Редиске.
„Следење, измачување, убиства“
На листата се наоѓаат и многу долгогодишни непријатели на слободата на печатот, како претседателот на Еритреја, Исаиас Афеверки, суданскиот претседател Омар ал-Башир, кинескиот претседател Ши Џинпинг и севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Сосотојбата на независните новинари е и натаму катастрофална и во Куба, Сингапур, Русија и Сирија. „Некои властодршци со години не добиваат казни за следењето, измачувањето и убивањето критички настроени новинари“, констатира Редиске. Неговиот итен апел гласи: ОН да назначат специјален пратеник за заштита на новинарите.
извор: Дојче веле