Во очекување на судскиот крик – доста беше, тргнете ги рацете од нас! – Јове КЕКЕНОВСКИ

Сподели

Jove-Kekenovski-1200x630

Читам и не верувам! Се прашувам, можно ли е ова чудо? Судија од Кривичен суд го тужи претседателот на Кривичниот суд?! Браво, доколку оваа вест е вистинита. По оваа неочекувана вест, чинам дека одеднаш почна да попушта веќе одамна напукнатата брана.

Пред да поминам на темата, ќе споделам една стара приказна од турско време, кога кадиите (народни судии) биле поставувани од султанот, за разрешување на споровите помеѓу граѓаните. Во приказната се потврдува еден случај кој ја оспорува надалеку прочуента поговорка ,,кадија те тужи, кадија ти суди“.

Во приказната се опишува како пред повеќе векови некој „јабанџија“, на поминување, со својот караван застанал во некоја касаба да одмори. Бидејќи го фатило мрак, решил да преспие во најубавиот ан во касабата. Во доцните вечерни часови (зорт за аман пред заспивање) ја прифатил понудата на локалната анимир дама за пријатно и лесно ,,опуштање“. Биднало што биднало, по завршувањето на ,,опуштањето“, на анимир дамата, наместо договорена сума од 25 гроша, јабанџијата и дал само 20 гроша. Образложението било дека таа не се трудела онака како што требало и како што ветувала на почетокот. По излегувањето од анот, навредената дама отишла право кај кадијата да пријави дека наводно била силувана.

Кадијата веднаш ги пратил заптиите да го доведат јабанџијата, да види и чуе и од него за што точно се работи. Ги сослушал и дамата и јабанџијата и се повлекол во својата одаја, за да размисли и да ја донесе пресудата. Иако дамата преку свои познаници се обидела да влијае на кадијата, сепак тој не потклекнал. Неговата логика била дека ако самата му се понудила на јабанџијата, ако тој не бил докрај задоволен од начинот на кој таа го ,,опуштала“, а сепак во најголем дел и ја платил договорената сума, тогаш е јасно дека немало силување. Меѓутоа, сметал дека и двајцата сносат вина. Едниот за непочитување на договоренто, а другиот за лажно пријавување. Рано изутрината неговиот писар ги повикал и двајцата и им ја прочитал пресудата, која гласела: ,,Јабанџија голема маана јок, ама мала вина да, а ороспија чурук“. После ова, јабанџијата платил глоба од 5 гроша, а анимир дамата била казнета со 50 гроша за лажно пријавување. Без разлика што имал притисоци, без разлика што во случајот имало и јабанџија како странка, сепак, кадијата објективно ја проценил ситуацијата и постапил исправно.

Она што може да се заклучи од приказната во однос на нашето денешно секојдневие е фактот дека кадијата имал интегритет и донел исправна одлука, за разлика од нашите денешни ,,кадии“ кои судат по формулата ,,криминализираната власт те тужи, криминална влада ти прeсудува, а кадијата седи со скрстени раце и само потпишува односно аминува“.

Ако е точна оваа хипотеза, тогаш недвосмислено станува се појасно дека ваквата ситуација и начин на работа на нашите правосудсни органи во најголема мера се должи на нивната целосна контрола од страна на партиската врхушка и од нивните прислужници. До оваа ситуација е дојдено и со голема припомош и логистика на старите им семејни пријатели, брачни другари. Едниот долгогодишен судија, а другиот бивш министер, антикорупционер, а во подалечното минатото и еден од највисоките функционери во целиот правосуден систем. Човек, односно луѓе, за сите времиња и за сите власти. Сите тие заедно на куп несебично се вградија во разорувањето на целиот правосуден систем и ставање на правосудството под апсолутна нивна контрола. На тој начин создадоа судство од типот на ,,калифат“, во кој треба само да се спроведуваат одлуките на највисоките во хиерархијата. Успеаја судот и судството да го доведат до апсурд.

Се повеќе станувам убеден дека после оваа убав вест (со која ја почнав и оваа колумна), дека е поднесена кривична пријава за претседателот на судот за вршење притсок на судија, полека но сигурно се наближува денот кога судиите и обвинителите ќе се охрабрат и ќе го дигнат својот глас против ова зло. Нивното самоохрабрување би требало да биде проследено со силен крик, во смисла: ,,Доста беше! Стоп диктатори и манипулатори! Вака повеќе не оди. Не сакаме и понатаму веќе да се брукаме и да бидеме посочувани со прст заради вашата патолошка лукративна и погана намера да владеете со сите нас. Доста беше, тргнете ги рацете од нас. Ние ќе бидеме тие исти судии кои во иднина ќе ја процениме вашата досегашна работа!“

Иако техничата Влада се обидува на сите можни начини да ги доуништи сите идни надежи за враќање на патот на цивилизациските, демократски и правни вредности за развој на општеството (однесувајки се како разорувач на темелот на правната држава), со одржувањето на изборите на 11 декември оваа година се создаваат услови за исчекор напред. Сега конечно веќе мора да ни се случат промени и правдата да дојде на ред. Осомничените и обвинетите за сторен криминал и за други нанесени зла, мора да се седнат на обвинителна клупа кај најголем дел истите тие судии и да ја докажат својата ,,невиност“. По изборите, судиите ќе мора да судат според закони, а не според упаствијата добиени од обвинетите и од нивните патрони. Сите оние судии и обвинители кои досега слугувале и одработувале за режимот, мора да си ја добијат заслужената казна.

Дека работите се придвижуваат кон своето финале покажува фактот што претседател на суд прибегнува кон самоказнување (рушење) на противправно изграден објект. Надежта е тука – народот е тука. Драги читатели, најдобро е да ги одбројувате деновите до изборитре. Ова е почетокот на крајот на еден долг и кошмарен сон. Почеток на крајот на досегашните заблуди и манипулации.