Ѕид висок четири метри се гради во минхенско предградие, со намера да се одвојат локалните жители од бегалците кои треба да се сместат во мигрантскиот камп кој сè уште е во изградба, јавува РТ. Во кампот треба да бидат сместени околу 160 деца бегалци кои се без придружба. Заштитниот ѕид се гради поради поплаките на жителите од минхенското предградие.
Контроверзниот ѕид се гради со дозвола од минхенскиот управен суд. Покрај локалните поддржувачи на изградбата, има и жители што го осудуваат овој проект. Еден од нив е гувернерот на предградието, Гвидо Бушолц.
– Ѕидот привлече многу внимание бидејќи ќе биде повисок од Берлинскиот ѕид, кој беше висок 3,6 метри. Кога се зборуваше за интеграција на мигрантите, замислував нешто навистина поинакво – изјави гувернерот Гвидо Бушолц.
Според објавените снимки од градежните активности на ѕидот, забележливо е дека не станува збор за класичен ѕид изграден од малтер и од тули, туку од големи блокови решетки, исполнети со камења.