Во оваа криминална цивилизација во која живееме, нема, скоро, ништо непосредно и вредно во нашите животи. Сè е сиво, сè е вештачки испреплетено, сè е делеку од природното, од непосредното, од нормалното… Живееме во модерно робовладетелство, каде животот е претворен во продавање на телото, на душата, на работната сила, па дури и на уверувањата и емоциите. Всушност, животот на мнозинството, на оние кои не се вбројуваат во буржоазијата и аристократијата, е претворен во тажно постепено умирање покрај работните маси, на градежните секелиња, по нивите, по затворите, по засмрдените кафеани, или, едноставно и просто, во умирање во своите сиви и скромни соби низ сивите и валкани градови и села. Животот е, денес, невидливо изгризан со уморот од секојдневната бркотница за да се заработи и за себе, и за своите и за стопаните околу себе. Тој, животот, е претворен во сивило и во отупен збир на празни желби и халуцинации за благосостојба и на плитки и банални емоции за ситост, наспаност и сексуално задоволување. Во таа и таква сива и уморна немоќ, проследена со убиствена меланхолија заради осаменоста и прегазеноста од своите соседи, комшии, роднини, газди и политички предатори, да бидеш „насмеан“ и „тих“, што би рекол поетскиот горостас Сергеј Есенин, „е најголема уметност во светот“.
Кај нас во Македонија, пак сè се движи меѓу желбите и потребите на портокаловите газди, безбојните тајкуни и сивите бирократи. Да живееш во цивилизација, меѓу машини на струја, со компјутер пред себе, со асфалт на улиците, среде градска стварност, со книгите во кои се глорифицира револуционерната активност за промена кон подобро и почовечно општество, а, истовремено, во секој момент, да се погледнуваш околу себе и да ги гледаш бедните и понижените низ македонска земја, совршено немоќни да се спасат од сопствената економско-социјална мизерија, да ги гледаш бандите од насилници и лудаци како седат по кафеаните како пауни, да го гледаш размножувањето на полициските униформи и претворањето на родината во полициска држава, да ги гледаш глупавите фаци на портокаловите политички „генерали“, значи да бидеш, барем навидум, трагично немоќен да промениш нешто преку сопственото зборување и пишување. Е, токму тогаш, всушност, се наоѓаш меѓу „апсолутизираниот песимизам“ на Мартин Хајдегер и „фундираниот оптимизам“ на Ернст Блох.
Со таква субјективна бифуркација, вистинската опасност лежи во можноста дека ќе започнеш луѓето околу себе да ги гледаш од апстрактна интелектуална далечина. А се знае, кога гледаш од таков висок метериз ќе се претвориш во злобен и немилосрден циник, за кого дури и сопствениот народ ќе биде народ составен од влекачи и лакеи, народ кој не може да живее без камшикот од некој господар, народ кој не е вреден за слобода кога дозволува неоврховисти и фашисти десет години да го тормозат и протеруваат од сопствената земја. Но, кој знае, можеби токму тогаш, токму кога ќе западне човек во константно гадење од она што е околу него, тогаш е подготвен да почне искрено да се бори за да го промени светот и да се бори да ја создаде својата човечка иднина?!
Сите ние денес се прашуваме, или барем треба да се прашаме: Колку е, всушност, саатот на македонскиот часовник? Прашањето воопшто не е едноставно, иако навидум такво се чини. На пример, од перспектива на македонската десница која, разуздано и раскалашано, веќе десет години владее, заради стравот од губење на власта и понесување одговорност, ние сме „пет минути до полноќ и на крајот на нашиот пат“, или, фукујамовски, пет минути од „крајот на историјата“. Од перспектива на левицата, која е во позиција на поразена страна, па може само да добие, ние сме пред изгрејсонце, пред започнувањето на Големиот ден на слободата, ден за кој сонувале македонските луѓе. Секако, проекцијата на иднината секогаш е апроксимативна, а неоправданиот оптимизам или непотребниот песимизам на субјектот имаат голема улога во големината на паралаксата.