За разлика од земјите во регионот кои напредуваат кон ЕУ, ние и годинава одиме во спротивна насока: нивните услови се смалуваат, нашите се зголемуваат, оценуваат за Дојче веле од Институтот за европска политика- Скопје.Повторно „лет во место“. Вака аналитичари ги коментираат европските оценки за напредокот на Македонија, кои вчера делумно паднаа во сенка поради вниманието фокусирано на изборните резултати во САД.
„Нема напредок“ или „констатирано назадување“ се двете најчести квалификации содржани во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.Се однесуваат на владеењето на правото, состојбите во судството, реформата на јавната администрација, нефункционалните институции, застојот во борбата против корупцијата, перењето пари, слабите економски показатели…
Поради овие и ред други причини, препораката за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, исто како и лани, повторно е условена со напредок во имплементација на договорите од Пржино, пред сé, со одржување на кредибилни избори и значителен напредок во имплементацијата на Итните реформски приоритети (ИРП).
Граѓаните многу малку или воопшто не знаат што предвидуваат Итните реформски приоритети, покажа мини-анкетата на ДВ спроведена меѓу 30 -тина соговорници. Повеќето од нив, според називот претпоставуваат дека се работи за „нешто важно што треба итно да се спроведе“, на други терминот им наликува на „бирократска фраза“, а најголемиот дел немаат никаква информација за нив, ниту како тие ќе се одразат врз нивниот секојдневен живот во крајниот ефект. Само неколку од соговорниците имаа делумни информаци за значењето на ИРП.
Празните ветувања на Димитриев
Острите квалификации во Извештајот на ЕК кои воопшто не беа ставени „во ракавици“, не беа доживеани како „фрлена ракавица“ за преземање конкретни активности наместо само вербални декларации. Премиерот Емил Димитриев по средбата со евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој вчера му го предаде Извештајот, рече дека Владата останува фокусирана во исполнувањето на посочените приоритети.
„Се надеваме дека со одржувањето на изборите со формирањето на политичката Влада, ЕУ агендата повторно ќе дојде на дневен ред, со многу посилен фокус од она што го имавме во изминатава година, бидејќи ова беше година во која се соочувавме со големи политички предизвици – мигрантската криза, а Владата функционираше како техничка влада за спроведување на изборите“, истакна Димитриев.
„Убеден сум дека со силен ангажман од Владата и на сите задолжени за реализација на реформите ќе го завршиме процесот онака како што се бара. Еден дел од мерките можат институциите сами да ги донесат со интерни акти и прописи, еден дел ќе бидат разгледани на владино ниво, дел ќе одат и во Собрание каде ќе бидат преточени во законски решенија, а еден дел е оставен за дополнителен дијалог помеѓу партиите“, рече Димитриев во мај годинава.
Пет месеци подоцна, графите под наслов „степен на реализација“ и натаму се празни или со незначителни активности – координации, обуки и слично. Дипломат со кој разговараше ДВ, вели дека изборите се само почеток за излез од кризата, но не и нејзин крај, доколку не се почне со спроведување на реформите.
„Партиите во овој момент рефлектираат некаков впечаток дека изборите ќе решат се, што имплицира дека или ги игнорираат, или не ги гледаат клучните причини кои доведоа до кризата. Ако нема суштинско соочување со проблемите и наоѓање решенија со кои тие ефикасно ќе се надминат, изборите сами по себе не ќе може да помогнат во излезот од сегашната состојба. Колку побрзо политичарите го сфатат и прифатат ова, толку побрзо ќе се движат кон решенија“, дециден е соговорникот.
Поназад од соседите
Од Институтот за европска политика – Скопје, кој ја следи имплементацијата на препораките, велат дека во споредба со минатата година, извештајот илустрира „лет во место“, со оценка за уназадување во клучната област – судството, и тоа втора година по ред, а во преден план е постоењето на „заробена држава“ и недостигот од политичка волја.
Каде сме во споредба со регионот?
„Ако споредиме со регионот за разлика од останатите земји кои секоја на свој начин напредуваат на патот кон ЕУ, ние и оваа година, како и лани одиме во спротивната насока. Додека нивните услови се смалуваат, нашите се зголемуваат. На пример, Албанија во моментот исто така има условена препорака за отпочнување преговори, но со многу помалку и попрезицни услови. Во нашиот случај, процесот е спротивен: од ‘чиста препорака’ условите за неа се прошируваат“, констатираат од Институтот.
Специјалното јавно обвинителство е единственото тело кое во Извештајот се оценува како проактивно во истрагите на случаи од висок профил, но се соочува со недостиг од соработка од институциите, и е мета на критики од Советот на јавни обвинители и од владејчката партија. Во контекст на неопходноста од непречено функционирање на СЈО, ЕК посочува дека се потребни „надградби“ на системот за распределба на предмети во судовите, за да се спречат злоупотреби.
„Системот треба да осигура дека случаи нема да можат да бидат распределни кај одреден судија од политички или лични причини и тоа треба да биде систематски надгледувано. Исто така, постојат наводи за директно мешање во назначувањето судии заспецифичните случаи иницирани од СЈО“, стои во Извештајот, каде е нотирано и неусвојувањето на предлог-измените на Законот за заштита на сведоци, кои ги бараше СЈО.
„Во годината што следува, земјата треба да овозможи целосна поддршка и ресурси за СЈО“, се вели во препораките на ЕК.
Според дипломатите, „токму таквата поддршка кон оваа институција во голема мера ќе покаже дали има волја за промени, и кај кои политички субјекти“.