Еколошките здруженија „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“ предупредуваат дека постои опасност Охридскиот Регион, наместо на листата на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, во февруари следната година да се најде на листата на загрозено наследство.
Истовремено, иницираа жалба пред Постојаниот комитет на Бернската конвенција во Стразбур.
„Планираните развојни проекти на брегот на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица ќе нанесат штета на повеќе од 260 заштитени видови со Конвенцијата за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта“, велат од еколошките здруженија.
Тие посочуваат дека најавените проекти ќе предизвикаат трајни последици и притоа ги наведуваат пресушувањето на Студенчишко Блато, заради изградба на комплекс луксузни апартмани, медитеранската плажа кај Лагадин, строго заштитените извори кај Свети Наум заради изградба на огромен туристички комплекс, како и уништување на 830 хектари заштитено подрачје и голем број живеалишта во Националниот парк Галичица заради изградба на магистрален пат, ски-центар со голем хотел и викенд-населба.
Охридско Езеро и Галичица се дел од мрежата „Емералд“, која по влез во Еворпската Унија ќе биде дел од мрежата „Натура 2000“. Со планираните инфраструктурни проекти се загрозуваат повеќе од 260 видови строго заштитени со анексите на Бернската конвенција. Оценката на еколозите е дека доколку се спроведат планираните проекти, Македонија нема да може да ги исполни обврските од Конвенцијата.
И од седиштето на УНЕСКО во Париз веќе најавија дека идната година ќе испратат советодавна мисија која треба да ѝ помогне на владата да ги отстрани сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, донесени на седницата одржана во јули во Истанбул, Турција.
Во заклучоците на комитетот се наведува дека Охридскиот Регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што се толкува како чекор до губење на статусот на заштитено подрачје.
УНЕСКО предупредува дека измената на планот за Галичица, кој предвидува изградба на експресен пат, ски-центар и три туристички зони, ќе има значителни негативни влијанија и претставува потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство.