Зоран Божиновски го нарече судот „лудница“ и доби казна од 2.000 евра

Сподели

Новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, на денешното рочиште во случајот кој се води против него за шпионажа, уцена и за изнуда, е казнет со парична казна од 2.000 евра поради непочитување на судот и непримерно однесување.

Zoran-Bozinovski-520x308[1]

„Не ви одговара тоа што го зборувам. Гладни сте за пари. Ова е лудница, не е судница. На 12 декември ќе снема пари во вашиот банкомат“, рекол Божиновски на денешната главна расправа, која траела два часа и поминала во расправии со судијката Ленка Давитковска, за која обвиниетиот, меѓу другото, рекол и дека е „претставник на злосторничко здружение“.

Божиновски рекол дека во обвинителниот акт немало никакви докази и оти случајот против него е политички прогон нарачан од поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а креатори биле ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, и шефот на неговиот кабиент Тони Јакимовски.

 „Мојот лов од страна на ДПМНЕ имаше две фази. Првиот почна во 1999 година и траеше до 2002 година, кога бев крвнички претепан на работното место во радио „Тумба“. Кога не успеаја со тоа да ме замолчат, почнаа со обиди да ме купат, посебно Драган Даравелски. Кога се преселив со семејството во Србија, во јуни 2010 година, ми се јавуваше Александар Бичиклиски во име на Никола Груевски“, рекол денеска Божиновски во судницата, пренесува „Плусинфо“.

Следното рочиште за случајот против Божиновские е закажано за 9 декември, кога пред судот треба да сведочат бизнисменот Минчо Јорданов, Ванчо Шехтански и Димитар Димовски. Божиновски се товари дека уценувал бизнисмени и други јавни личности, меѓу кои и Јорданов.

Сопственикот на „Буревесник“ во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница.