Велика Британија: Опозицијата во Парламентот тврди дека ќе гласа против Брегзит

Сподели

london

ЛОНДОН (АА) – Одредени пратеници во Парламентот на Велика Британија изјавија дека би можеле да гласаат против излезот на Велика Британија (Брегзит) од ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).

Тим Фарон, лидерот на либералните демократи, четврта по големина политичката партија во Претставничкиот дом на британскиот Парламент, денес изјави дека неговите осуммина претставници би можеле да гласаат против активирањето на членот 50 на Лисабонскиот договор од 2007 година, со кој се започнува процедурата за излез на земјата-членка од Унијата.

„Милиони лица се мошне загрижени поради потезите на владата во врска со Брегзит“, изјави Фарон и додаде: „Така што мојата позиција е многу јасна, либералните демократи веруваат дека луѓето се суверени“.

Фарон изјави дека неговата партија ќе бара нов референдум во Велика Британија во врска со кој било иден договор поврзан за Брегзит откако членот 50 ќе биде активиран.

„Ние ќе гласаме против членот 50 доколку тој им дозволи на луѓето да гласаат за договорот, бидејќи волјата на народот мора да преовладува – и во врска со заминувањето и во врска со дестинацијата“, додаде тој.

Врховниот суд на Велика Британика ќе ја разгледа жалбата на британската Влада против минатонеделната одлука донесена на Високиот суд, дека на Парламентот му треба одобрување пред да се активира член 50. Разгледувањето на жалбата е закажано за 5 декември.

Неколку лабуристи и конзервативци во Претставничкиот дом исто така изјавија дека би можеле да гласаат против започнувањето на Брегзит.

Кетрин Вест и Дејвид Леми, претставници на лабуристите од северен Лондон, каде што живее најбројната турска заедница, јасно порачаа дека ќе гласаат против.

„Како што реков претходно, јас сум со народот на Хорнси и Вудгрин, и јас ќе гласам против Брегзит во Парламентот“, порача Вест во порака на Твитер.

„Разбудете се. Не мораме ова да го направиме. Можеме да ја спречиме оваа глупост со гласање во Парламентот“, напиша Леми на истата социјална мрежа по референдумот во Велика Британија на 23 јуни.

Претставниците на Шкотската национална партија исто така би требало да гласаат против Брегзит. Шкотскиот прв министер, Никола Старџен, претходно изјави дека претставниците на СНП во Претставничкиот дом нема да гласаат за што било, што нема да ја одразува волјата на шкотскиот народ.

Шкотска гласаше за останување во ЕУ, додека Англија и Велс гласааа за излез на споменатиот референдум.