Мали немири избија во центарот на Атина на протестот на дел од синдикатите, левичарските партии и анархистите против американскиот претседател Барак Обама, при вчерашната негова посета во Атина.
На протестите учествуваа неколку илјади грчки граѓани, синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија и поддржувачите на Народно единство, партијата на поранешниот соработник на Алексис Ципрас и министер во владата на СИРИЗА, Панајотис Лафазанис, кои се бунтуваат против политиката на САД.
Демонстрациите почнаа доцна вчера попладне, иако грчката полиција строго забрани протести и собири за време на дводневната посета на Обама во Атина. Немирите избувнаа кога група демонстранти се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да се упатат кон грчкиот парламент, по што полицијата одговори со солзавец. Демонстрантите фрлија молотови котели и запалија неколку канти за отпадоци, но не е причинета голема штета.