Последните случувања во Кривичниот суд се последица од состојбите во судството кое одамна го допре дното, но се покажува и дека некои судии повеќе не сакаат да бидат заложници, велат упатените за Радио Слободна Европа. Петнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 потпишаа петиција до Судскиот совет да преземе мерки против претседателот на судот Владимир Панчевски, бидејќи го злоупотребил судот. На тоа и претходеше кривичната пријава на судијата Иван Џолев против Панчевски за незаконско влијание за носење одлука врз судија и за поткуп. Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова исто така упати критики кон Панчевски. Вчера вербално и физички била нападната портпаролката на Кривичниот суд од нејзин колега.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека сето ова е последица од работењето на Кривичниот суд, кој применува двојни аршини и селективна правда под раководство на претседателот Панчевски, чии афери во последно време се отвараат.
Универзитетскиот професор Осман Кадриу смета дека мора да се испитаат околностите и Судскиот совет треба да преземе конкретни мерки, бидејќи нарушените односи во судската власт директно се одразуваат врз функционалноста и остварувањето на надлежностите на судот.
„Кога се има предвид какви се предмети пред овој суд треба да се расветлат. Доволно е само да се споменат предметите кои произлегуваат од СЈО тоа укажува дека мерките се неминовни затоа што ваквите состојби апсулутно претставуваат сериозна пречка и правна и фактичка за да може судот благовремено да ги реши овие предмети“, вели Кадриу.