Потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија е важен чекор на патот кон мирното продлабочување на врските помеѓу двата народи и на европската интеграција на државите од регионот, изјави бугарскиот претседател во заминување, Росен Плевнелиев, по работната средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, соопшти портпаролот на бугарскиот претседател.
Двете страни преговараат веќе неколку години за договорот за добрососедство, откако Бугарија најави дека без него нема да го поддржи членството на Македонија во Европската Унија. Плевнелиев како пример ги посочи договорите што Бугарија ги склучила со Романија и со Турција и истакна дека регулирањето на билатералните односи со овие држави придонело за подобрување на бизнис-климата и за зголемување на довербата кај меѓународните партнери.
Бугарскиот претседател изрази уверување дека договорот со Македонија ќе води кон заеднички инвестиции, успешни регионални инфраструктурни проекти, како и кон зајакнување на туризмот и на мобилноста на квалификувани професионалци.
Тој ја истакна важноста од спроведување на реформите во клучните области во Македонија и од обезбедување на независноста на судската власт, како важен дел од патот на европската интеграција на Македонија.
Плевнелиев потсети дека бугарската страна придава големо значење на заштитата и на реставрацијата на бугарските воени споменици.
– Очекуваме конечно решение за поставување спомен-плоча за загинатите бугарски војници во близина на Кајмакчалан – рече тој.
Иванов повика на повеќе регионални иницијативи за Балканот да стане активен учесник во креирањето на политиките на ЕУ.
– Нашиот регион мора да биде обединет, да биде воден од прагматизам и не смееме да дозволиме историскиот товар да ја попречи нашата соработка во овој динамичен свет – рече Иванов.