Заев по средбата со претставниците на СКСЗМ: Државата на компаниите им должи 1 милијарда евра

Сподели

zaev-vo-stopanska-komora-na-severozapadna-mk-860x680

Се претпоставува дека институциите на локално и на централно ниво на компаниите им должат 1 милјарда евра. Ова денеска го истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со претставници од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија (СКСЗМ).

Тој додаде дека има многу скриени долгови кои што не се знаат, но вети дека во првите 100 дена од владата, доколку дојдат на власт, ќе ја објават таа сума.

– Една од работите која што ќе ја направиме е навремено ќе ги исполниме обврските кон компаниите и ќе ги расчистиме долговите кои се трупале со месеци. Барањето на повраток на данокот на додадена вредност во оваа држава се смета за грев, наместо пари ќе си добиете инспекции – истакна Заев.

На новинарско прашање во однос на државните субвенциите кои странските компании ги добиваат во слободните економски зони, Заев истакна дека тие добиваат од 3 до 8.000 евра субвенции по вработен, што домашните компании ги става во подредена положба.

– Овие субвенции за странските компании ги ставаат во подредена положба домашните. Истовреме им се овозможува, да ги црпат ресурсите од домашните компании, односно да го привлечат веќе создадениот кадар. Во нашата економска програма предвидуваме 140 милиони евра за субвенции за домашните компании кои ќе ги доделиме во следните четири години – потенцираше Заев.

Претставници од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, денеска разговараа со лидерот на СДСМ Заев и со Оливер Спасовски, Драган Тевдовски и Петре Шилегов за економската програма на СДСМ, но и платформата која што оваа комора им ја претстави на политичарите пред претстојните избори за подобрување на економијата во државата.

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа истакнаа дека 80 проценти од барањата кои ги имаат во платформата, се и во економската програма на оваа партија.

– Побаравме реформи во јавните институции, поголема транспарентност на власта, отчетност, зголемување на домашниот бруто-производ. Зголемувањето на минималната плата на 16.000 денари и просечната на 500 евра не е нереално доколку ни се овозможи тоа да го правиме во извесен период – додаде Хоџа.

Во однос на ова прашање Заев рече дека бизнисмените ќе можат да ги зголемат просечната и минималната плата само ако државата создаде услови за тоа.

meta.mk