Телеком: Ја охрабруваме соработката во истрагата на СЈО

Сподели

Соработува ли Македонски Телеком со Специјалното јавно обвинителство во рамките на активните истраги кои ги води тимот на Катица Јанева? Дилемата повторно ја отвори последната прес-конференција на СЈО, на која беше обелоденет случајот „Таргет“ во кој 10 актуелни и поранешни функционери на УБК се осомничени за масовно, нелегално прислушување.
Од СЈО не го наведоа со име операторот кој одбивал да ги достави потребните податоци и за чија „соработка” е побаран судски налог, но од неофицијалните информации во јавноста може да се заклучи дека тоа е токму телекомуникациската компанија во сопственост на гигантот Дојче Телеком. Иако не беше споменат по име, Македонски Телеком (МТ) по пресот на СЈО излезе со соопштение во кое тврди дека целосно соработува со обвинителството.

„Македонски Телеком навремено и целосно обезбедува одговори на сите добиени барања од страна на Специјалното јавно обвинителство“, се наведува во изјавата која денеска (24.11.) ја добивме од централата на Македонски Телеком во Скопје како одговор на нашите прашања: Дали Македонски Телеком целосно соработува со СЈО во рамките на истрагата за масовното прислушување во Македонија; и дали е одговорено на сите барања на СЈО?  
Слични сознанија имаат и во централата на Дојче Телеком во Бон.
„Според она што го знаеме, Македонски Телеком целосно соработува со државни органи во поддршка на истрагата. Секако, ние го охрабруваме тоа и во контакт сме со нашите локални колеги“, велат оттаму за Дојче Веле.
На прашањето дали во Македонски Телеком се планира дополнителна внатрешна истрага во врска со масовното прислушување, од Дојче Телеком одбиваат да ги „коментираат внатрешните наоди, поради тековната истрага на македонското обвинителство“. Еден интерен извештај веќе беше изработен во март годинава, но до овие наоди пристап веќе подолго време нема СЈО, иако и за тоа е уредно испратено барање до Македонски Телеком.

Одговор на спорот околу интерниот извештај побаравме и од Македонски Телеком. Оттаму велат дека
„извештајот на надворешните експерти за интерната истрага во Македонски Телеком е завршен и неговото обелоденување на надлежните државни органи се врши во согласност со закон“.

Извори на ДВ велат дека Македонски Телеком, формално, навистина соработува со СЈО. Формалноста се огледа во тоа што Македонски Телеком на барањата од СЈО одговара со дописи во тои тврди дека „не располага со таков тип на информации“. Испратена била и замолница за меѓународна помош, како и директно барање за соработка и до Дојче Телеком, но ни оттаму не е добиен одговор.

Каде се логовите?

Дилемата дали во Македонски Телеком и во вториот оператор Вип, воопшто постојат архивирани податоци, т.н. логови за нелегалното масовно прислушување, останува неодговорена. Дали операторите имаат пристап до тие податоци, и дали се должни да ги чуваат истите?
Фактите велат дека и Македонски Телеком и Вип ја поседувале истата опрема набавена од Ериксон. Самото тоа што СЈО во рамките на истрагата „Таргет“ објави детали од прислушуваните разговори и податоци за лицата кои биле следени, говори дека запис постоел и бил воден кај телеком операторите во Македонија. Доколку СЈО ги добило податоците од едниот оператор, логично е да се претпостави дека истите постојат и кај другиот. Но, во Македонски Телеком за ДВ тврдат дека такво нешто не постои.

„Македонски Телеком согласно Законот за електронски комуникации и Законот за следење на комуникации има законска обврска да набави опрема за следење на комуникациите и да ја стави на располагање на Министерството за внатрешни работи, при што Македонски Телеком нема контрола, ниту можност за користење на истата“, гласи одговорот од МТ на овие прашања на ДВ: Дали системот за прислушување кој се користел во Македонија од 2008 до 2015 година остава трага, “лог”,  и кај операторот? Дали тие записи се зашитени? Дали Македонски Телеком има пристап до тие записи?

Дополнително, од Македонски Телеком тврдат дека воопшто „немаат пристап до податоците во однос на легалното следење“, со појаснување дека се работи за сите податоци, а не само за статистичките.

Сега СЈО со судска наредба се обидува да добие пристап до истите.

default Дури и државната служба илегално да прислушувала, доказот за таквата пракса останува запишан кај операторот

Компјутерски експерт од Македонија кој сакаше да остане анонимен, вели дека теоретски е можно опремата во Македонски Телеком да била нагодена така за таа да не остава запис од прислушувањето и кај операторот. Можно е исто така, записите да биле избришани. Но во пракса, таквата одлука би било тешко да се оправда не само поради домашните закони, туку и поради обврските кои операторот, како набавувач на опремата, ја има кон фирмата производител, во случајов – Ериксон.
Имено, системите за прислушување на Ериксон се изработени на начин кој ги спречува можните злоупотреби – од државата или од операторот, сеедно.
Со оглед на тоа што е веќе јасно дека нелегалното прислушување во Македонија во периодот од 2008 до 2015 година се водело преку опремата на „Ериксон“, одговорот на дилемите го нуди една анализа на лондонскиот Институт за човекови права и бизнис. Овој Институт во ноември 2014 година објавува студија под наслов „Предизвици за човековите права на телекомуникациските оператори: справување со можните злоупотреби на телекомуникациските системи“, а во неа се прави анализа токму на Ериксон, односно на практичните проблеми и можните злоупотреби со кои се соочува компанијата. Притоа, надлежните во Ериксон целосно соработувале во рамките на изработката на студијата.

Случајот „Таргет“

Во еден дел од студијата се објаснува детално како (легално) функционира процесот на следење на комуникациите кој би можел да се пренесе или да се спореди и со македонското искуство.

Текстот во целост прочитајте го тука

dw.com