Граѓанските организации бараат партиите да ги вратат демократските стандарди во државата

Сподели

bluprint-foto1

Неколку граѓански организации, учесници во иницијативата за итни демократски реформи, ги повикаа партиите што учествуваат на парламентарните избори да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија.

Тие бараат полтичките партии да се посветат на неколку приоритети, како јавни финансии и економија, правосудство, борба против корупција, медиуми, јавна администрација, образование.

– Поради нарушена фискална дисциплина, бараме враќање на фискалната транспарентност и отчетност заради поефикасно, поекономичнo и поефективно користење на јавните ресурси – се вели во нивното барање.

За да се обезбеди независното функционирање на судството и да се врати довербата на граѓаните, тие бараат да се обезбедат сите законски и институционални услови за непреченост во работата на Специјалното јавно обвинителство и продолжување на неговиот мандат.

Во таа насока, бараат и да се формира специјално судско одделение, но и посебно одделение во рамките на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) што би постапувало по барањата на СЈО.

Граѓанските организации, исто така, бараат власта да престане да ги користи медиумите како алатка за политичко промовирање и да прекинат сите закани и притисоци врз новинари.

Дел од нивните барања се и да се оневозможи политичко мешање во вработувањето и во напредувањето на вработените во јавната администрација, за да се спречи политичкиот клиентелизам и да се одвои државата од партијата.

Граѓански организации кои ги упатуваат овие барања се Институт за демократија „Социетас цивилис“, Институт за европска политика, Институт за комуникациски студии, Македонски центар за европско образование, Фондација „Отворено општество“ – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Центар за економски анализи.

meta.mk