РАДИО МОФ: Наместо симболичен протест против консумеризмот, македонските граѓани „растрчани“ по попусти

Сподели

popust

“Тотална распродажба“, „Намаление на производите“, „Плати едно, земи две“, се дел од пораките кои „бодат очи“ во сите трговски центри и маркети низ земјата. Причината за тоа е одбележувањето на Црн петок, или ден кога има огромни попусти.

Но, наспроти овој порив да се купуваат работи, без разлика дали тој е реален, друга група на луѓе се труди секоја година да го одбележува „Buy Nothing Day“, или попознато како денот кога симболично се протестира против консумеризмот.

Овој ден се одржува со цел да ги предупреди луѓето на непотребното и неразумно трошење, а со тоа и да ја преиспита нивната потрошувачка култура. Во Македонија оваа традиција ја одржуваат неколку актвистички души кои тоа симболично го прават преку кампања на социјалните мрежи. Оттаму за Радио МОФ велат дека поентата на сето ова е да им се укаже на луѓето дека потребно е да се сменат навиките.

„Преку добриот маркетинг на големите компании па и малите, производот што го нудат ни изгледа многу атрактивно затоа што е на голем попуст и луѓето без размислување го земаат, иако не им е потребен. Постои критика од страна на граѓаните дека: доколку го практикуваме Buy Nothing денот, едноставно, работите ќе ги купиме следниот ден. Но, поентата на симболичниот протест е да им се укаже на луѓето дека треба да се сменат навики, да конзумираме помалку и да произведуваме помалку ѓубре“, велат тие.

Како решение за овој проблем тие го наведуваат концептот на бесплатен пазар, односно кога луѓето го земаат она што им треба, а го подаруваат она што веќе не им е потребно. Радио МОФ  пишуваше на оваа тема, но на прашањето колку оваа идеологија би успеала во денешно време, од иницијативата велат:

„Овој концепт постои насекаде во светов, веруваме дека граѓаните тука не се доволно запознаени со него и како тој функционира. Сега засега, не планираме некакви позначајни акции против консумеризмот, но запознаени сме дека овој симболичен протест се оддржуваше на повеќе начини во 2008 година“.

Големите попусти се традиција која потекнува од САД уште од 19-от век. Минатата година, Американците потрошиле 10,4 милијарди долари само на овој ден. Називот „црн петок“ настанал во Филаделфија, бидејќи жителите биле револтирани од метежот во сообраќајот и по улиците на првиот ден од сезоната на попустите. Спротивно на ова, Buy Nothing Day се одбележува од 1992 година, а идејата ја започнал уметникот Тед Дејв во Ванкувер, Канада.

radiomof.mk