Левица: Манипулатор го поднесе предлогот до судот да се повлечеме од изборите

Сподели

zdravko-saveski-620x400

Жарко Петрески од Скопје, кој се претставува како основач и член на Левица, до Основниот суд Скопје 2 поднел предлог за донесување привремена мерка за забрана за оваа партија да учествува на престојните предвремени парламентарни избори во декември.

Здравко Савески, член на президиумот на Левица, за „Мета“ вели дека човекот што има поднесено предлог за донесување привремена мерка за забрана за Левица да учествува на престојаните предвремени парламентарни избори во декември, не е помеѓу основачите на партијата. Савески вели тој најверојатно е манипулатор и дека ова значи дека режимот се уплашил од Левица.

– Не очекуваме дека ова ќе значи дека ќе ни биде негирано правото на учество на изборите. Очигледно е дека режимот се уплашил од Левица, но нема да им успее. Ќе биде фрапантно и преседан ако на ваков начин на една политичка партија ѝ биде забрането учеството на изборите. Ова е еден од типичните начини на режимот да направи притисоци – изјави Савески.

Савевски вели дека добиле известување од судот и дека ќе ја чекаат официјалната одлука, но дека тоа нема да ги спречи да продолжат со предизборните активности и со подготовките за предвремените парламентарни избори на 11 декември.

– Во Македонија секој може да тужи за сè, а некогаш тоа право се злоупотребува за постигнување одредени цели – додава Савески.

Во барањето до судот, подносителот Петрески наведува дека во втората половина на октомври, од лица од партијата бил информиран дека централниот комитет на Левица на седница на 16 октомври со мнозинство гласови донел одлука партијата самостојно да настапи на изборите на 11 декември.

Оваа одлука, како што напишал подносителот Петрески во дописот до судот, била во целост спротивна на статутот на Левица, поточно на членот 26, став 1, каде било прецизирано дека одлуки за учество или бојкот на избори донесувал пленум, а не централниот комитет, за што на увид на судот го доставил и партискиот статут, донесен на 6 февруари годинава.

meta.mk