Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска се закани дека ќе стави крај на нормализирањето на односите меѓу САД и Куба, ако Хавана не направи отстапки.
– Ако Куба не сака подобри услови за кубанскиот народ, за Американците од кубанско потекло и за САД во целина, ќе ги поништиме договорите, напиша Трамп на Твитер.
Тој побара поголeми напори од страна на кубанските власти во областа на почитувањето на човековите права и поголемо отворање на кубанската економија.
На 17 декември 2014, претседателите на САД и Куба, Барак Обама и Раул Кастро изненадувачки објавија почетокот на историскиот процес за нормализирање на односите меѓу двете земји, по непријателството кое траеше повеќе од половина век.
Денешната објава на Трамп на Твитер, доаѓа три дена по смртта на Фидел Кастро, лидерот на Кубанската револуција, која довела до прекин на дипломатските односи меѓу Вашингтон и Хавана.
Во саботата новоизбраниот претседател на САД изрази надеж за нов почеток на Куба по смртта на Фидел Кастро, кого го нарече „еден брутален диктатор, кој речиси шест децении го угнетуваше својот народ“.
Трамп, кој ќе стапи на должност на 20 јануари рече дека ќе направи се што е можно за „да придонесе за слободата“ на кубанскиот народ.
– Фидел Кастро остави „наследство на егзекуции, кражби, незамисливи страдања, сиромаштија и негирање на основните човекови права“, наведе во соопштението идниот претседател на САД.