„Ако Груевски потроши 700 милиони евра за споменици и фонтани и јас ќе потрошам 700 милиони евра, но за нови работни места“, порача лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа на партијата во Изборната единица 4, Зоран Заев на митингот кој Коалицијата „За живот во Македонија“ вчера го одржа во Делчево.
Тој истакна дека Делчево ќе го оправда аманетот на Гоце Делчев, револуционерот по кого градот го носи своето име, дека ослободувањето на еден народ е пред се негово сопствено дело.
Тој истакна дека сите ресурси на државата ќе бидат насочени кон отворање на нови работни места, просечната плата ќе биде 30.000 денари, а минималната, која ќе изнесува до 16.000 денари ќе биде еднаква за сите работници независно од кој сектор доаѓаат.
Лидерот на СДСМ рече дека нема да дозволи промена на Уставот, кој, како што истакна, напротив ќе се почитува и ќе се спроведува.
– Се збунил Груевски, вели ќе има федерализаицја и кантонизација, но не, ќе има конфискација, фамилијата на власт ќе врати сè што им одзеде на стотици фамилии – рече Заев.
Пред делчевци вечерва се обрати и носителот на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 3, Љупчо Николовски кој меѓудругото порача дека ќе има праведна распределба на државното земјиште.
– Земјата ќе биде во рацете на вистинските земјоделци. Тие ќе имаат поевтина нафта, поевтини трошоци, бенефициран стаж и сигурен откуп на земјоделските производи – рече Николовски.