РСЕ: Сега е најважно ДУИ да изгуби! – Мендух Тачи

Сподели

menduh

По сè што се случува во државава, најважно сега е да се случат промени, односно ДУИ да ги изгуби изборите, вели лидерот на ДПА, Мендух Тачи во интервју за Радио Слободна Европа.

– Mислам дека најважно сега, после сè што ни се случува во државата во последните две години, e ДУИ да ги изгуби изборите. Tоа е многу важно за граѓаните, мислам дека граѓаните лесно ќе сфатат, од сите страни имаме пораки дека треба да се случи промената, затоа што уништувањето на институциите е дело на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Што се однесува до помалите албански партии, рационално зборувам, не од инает или од конкуренција, ние имаме таков систем што не верувам дека нивните гласови во три изборни единици, како што се првата, втората и петтата единица, ќе успеат да го достигнат цензусот на пратеник, да имаат околу 11 илјади гласови. И автоматски тие гласови би можело да отидат кај ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ и тоа ќе биде изгубен глас. Ако граѓаните гласаат за промени и гласаат против ДУИ, тој глас што нема да оди кај ДПА може да се смета како изгубен глас. Убеден сум дека тоа нема да се случи. Апсолутно не ни сметаат малите партии, тоа се вредности на демократија, но работите треба да ги гледаме рационално, не сме во комодитет на таква демократија, главното е тоа што го реков на почеток – мора да се случат промени – вели Тачи.

Според него, ставањето Албанци на листите на СДСМ зема гласови само од ДУИ, а не од ДПА.

На прашањето дали се оправдале пред гласачкото тело за разговорите кои беа обелоденети во јавноста, Тачи вели:

– Тој разговор тотално е изваден од контекст. Јас пет ипол години немав никакви контакти со ВМРО-ДПМНЕ, но во 2013, дали се сложуваат или не, политичкото дејствување на СДСМ нам ни оневозможи да земеме девет градоначалници од 16 Албанци. Нивното политичко дејствување со помалите политички партии, апсолутно ни го уништи резултатот, се сеќавате тие го поништија коалициониот договор да се помагаме во одредени општини и се хомогенизираа со ВМРО-ДПМНЕ. Тој политички контекст и таквото дејствување ако и денеска го прават ќе им наштети на ДПА и на Албанците.

Тачи додава дека е невозможна соработка и коалиција меѓу ДПА и ВМРО-ДПМНЕ.

– Мислам дека најискрено тоа е невозможна работа, ќе видиме после избори, но 99 проценти тоа е невозможна работа.