Антикорупциска отвори четири случаи за вработувања пред изборите

Сподели

antikorupciska-tabla_0-650x396

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска на јавна седница отвори постапки за четири случаи на противзаконски вработувања во јавни институции и претпријатија во предизборниот период.

Претставките до антикорупциска ги поднесе Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а од вкупно пет, ДКСК не ја прифати претставката што се однесуваше за вработувањето на информатички администратор во самата комисија.

Антикорупциска отвори постапки во врска со огласи за вработувања, распишани во предизборниот период, на 6 нотари во Министерството за правда, двајца актери во Театарот за деца и младинци, еден наставник по турски јазик во Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Карбинци и еден шалтерски работник во „Македонски пошти“.

Комисијата од овие институции побара дополнителни информации и образложенија за огласите и за вработувањата, односно дали тие биле итни и неодложни и дали институциите за овие работни места добиле мислење од Министерството за финансии.

Во врска со вработувањето на ИТ-администратор во ДКСК, од комисијата наведоа дека ја отфрлаат оваа претставка бидејќи имале потреба итно и неодложно да ангажираат лице на ова место, откако единствениот вработен администратор си дал отказ пред изборите, поради што било неопходно да се вработи ново лице за да може компјутерскиот систем и одржувањето на интернет-страницата на Комисијата да функционира непречено.

meta.mk