Бил Инглиш нареден премиер на Нов Зеланд

Сподели

english

ВЕЛИНГТОН (АА) – Бил Инглиш ќе стане нов премиер на Нов Зеланд по ненадејната оставка на Џон Ки оваа недела, јавува Anadolu Agency (AA).

Денес двајца противкандидати се откажаа од кандидатурата, со образложение дека Инглиш обезбедил поддршка од поголемиот дел од колегите од Националната партија во Парламентот.

Наследникот на Ки официјално ќе биде избран в понеделник, на конгресот на Конзервативната партија.

Инглиш во претходните осум години беше човек од доверба на Ки, на позиција потпретседател на Владата на Нов Зеланд. Пофалби доби и за управувањето со економијата на земјата од местото министер на финансии. Критичарите му замеруваат за недостатокот на харизма потребна за извршување на премиерската функција. Инглиш претходно ја предводеше партијата до голем пораз на изборите во 2002 година.

Ки беше успешен и популарен политичар и се очекуваше да се кандидира за четврти мандат наредната година. Тој изјави дека сака да ја напушти работата додека е на врвот и дека сака да помине повеќе време со сопругата и двете деца. За време на говорот за оставката, го промовираше Инглиш како нов премиер.

Како нов премиер, Инглиш ќе го одбере датумот за изборите наредната година. Пред да се случи промена на врвот на државата, изборите требаа да бидат одржани во септември, а сега некои бараат изборите да се одржат порано.

Денес, Инглиш изјави пред новинарите дека сѐ во изминатите денови се случувало брзо и дека сака да причека официјална потврда пред да ги изнесе своите планови.

„Нема да зборувам како премиер пред да станам премиер“, изјави Инглиш.