ОСВОЈУВАЊЕТО НА СЛОБОДАТА – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Не делат уште три дена од изборниот натпревар во кој што демократското граѓанство влегува со нескриен оптимизам и со увереност дека по еднодецениската тиранија македонската држава ќе си ја поврати одземената слобода и повторно ќе зачекори по веќе подзаборавените демократски патеки. Тој оптимизам почива, пред се`, на силната мотивираност и решеност на мнозинската јавност, конечно да се пресмета со самоволната и криминална власт која што бескрупулозно ја газеше нивната чест и достоинство, сведувајќи ги во неколку последователни изборни циклуси на безвредни и понижени гласачки статисти, чија волја насилно се прекројуваше во познатите фалсификаторски лаборатории на ДПМНЕ-овските партиски централи.

Но, да не се залажуваме: и покрај сите напори да се создадат приближно поволни услови за рамноправни, фер и демократски избори, фактите секојдневно потврдуваат дека на актуелниот режим ни на крај памет не му паѓа да се откаже од испробаните методи на изборни манипулации. Се работи за добро разработен и разгранет систем на принуди, во кој што речиси целокупниот државен апарат е ставен во функција на изнуда на гласови, при што со разни притисоци, закани и поткупи се бара од огромниот чиновнички корпус, од полицискиот и армискиот состав, од пензионерските здруженија, судските органи, образовните институции, медицинските установи, земјоделските комбинати, покрај нивниот глас да обезбедат уште и додатна поддршка за остварување, на што поубедлива изборна победа. Заедно со големата надмоќ на корумпираните медиуми, целосно впрегнати во величењето на груевистичкото владеење и во демонизацијата на опозициските сили и нивните поддржувачи, станува се` поочигледно дека и овој пат изборната трка ќе биде далеку од рамноправна и со подеднакви шанси.

Од тие причини, предвременото и лесно отпишување на тој режим и триумфализмот со кој што од сега се проследува неговото скоро заминување, не би смеело да се доживува како веќе готов и свршен чин, кој што елиминира било каков поинаков изборен резултат. Мора да се има во предвид дека се работи за расипан, зол и подмолен противник, секогаш подготвен да примени најбрутални средства, вклучувајќи и човечки животи, за да стигне до своето преживување и да изнајде спас од заканувачката рака на правдата, што како Дамоклов меч виси над неговата глава. Во такви околности, евентуалниот пораз на опозицијата, не ќе значи ништо друго освен нова потврда дека злосторничкото здружение со блокадите и онеспособувањето на СЈО да води ефективни истраги, успеало не само несметано и неказнето да учествува во изборниот процес, туку и да одредува правила во кој правец тој ќе се движи. Едноставно, му се овозможи во рамноправна трка со неговите жртви да одглумува невин страдалник на некакви внатрешни и странски заговори, со што фактички доби еден вид и меѓународно охрабрување да продолжи со дотолчувањето на македонската демократска свест и со газењето на нејзините слободарски идеали.

Поради тоа, демократското граѓанство мора да биде подготвено и за еден таков изборен исход: на сите нови предизвици, колку и да се неправедни и тешки, да се одговори со уште посилен ентузијазам, со уште поголема верба во своите возвишени цели, за да успешно заврши започнатата битка за демократска преобразба на нашата земја. Секое разочарување, повлекување или помирување со постизборните состојби ќе може да има несогледливи последици по судбината на земјата и животите на нејзините граѓани, бидејќи таквиот развој на настаните ќе и овозможи на груевистичката мафијашка камарила да отпочне немилосрдна и крвничка пресметка со целокупното опозиционерско движење во Македонија.

Во тој контекст, пред неколку дена, познатиот аналитичар и општественик Арсим Зеколи, во својата колумна ќе порача: “ – Чија било победа или пораз не е причина за еуфорија на радување или трагедија на самосожалување, уште помалку изговор да се предадеме во борбата за реставрација на демократијата. Без оглед на исходот, таа ќе продолжи, бидејќи мора да продолжи, и ден по изборите и во годините пред нас!”

Според тоа, нека 11. декември остане запаметен како ден кога почна освојувањето на слободата и правдата во Македонија или пак како датум кога демократската јавност тргна  уште пожестоко и порешително во довршувањето на својата благородна демократска мисија.

Враќање назад повеќе не смее да има!