Партијата Левица ќе предложи укинување на привилегиите на функционерите и ќе предложи платата на пратениците да се скрати за 500 евра, соопшти денеска членот на президиумот на партијата, Димитар Апасиев.
– Нашите пратеници после 11 декември кога Левица ќе стане парламентарна партија, првиот закон кој ќе го предложат е укинување на бенефициите и привилегиите на јавно избраните и именувани функционери особено на пратениците. Планираме да предложиме нивната плата да се скрати за најмалку 500 евра. Сакаме да дадеме до знаење дека јавните функции се должност, а не се привилегија за сплеткарење и крадење на граѓаните преку патни трошоци. Како една од реформите кои што ги предлагаме е и намалување на бројот на пратениците од 120 на 100 или на 80 – вели Апасиев.
На прес-конференција во Битола, кандидатка за пратеник од Левица во изборната единица 5, Ивана Атанасовска рече дека партијата ќе застане против експлоатацијата во приватниот сектор.
– Во приватниот сектор многу работници работат пријавени на половина работно време, притоа работат 8 часови, не добиваат К15 и им се прекршува правото на годишен одмор. Ние постоиме тоа да го промениме, бидејќи на своја кожа сме го почувствувале кршењето на работничките права – рече Атанасовска.