МОСТ: Пријава на нерегуларности за изборите преку телефонскиот број 080 080 080

Сподели

Граѓанската асоцијација „Мост“ ќе ги следи изборите утре со повеќе од 3.000 набљудувачи, со што ќе покријат 55 проценти од вкупниот број на избирачки места.

– Статичните набљудувачи (2.664) ќе го следат гласањето, процесот на затворање и броење на гласовите и финализирање на административните работи од страна на избирачките одбори. Како логистика на статичните набљудувачи ќе им бидат 120 мобилни тимови, а 80 набљудувачи ќе ја следат работата на општинските изборни комисии како и Државната изборна комисија – изјави престедателот на „Мост“, Дарко Алексов на денешната прес-конференција.

Согласно упатството на ДИК, од „Мост“ потсетија дека се гласа со сино мастило и со заокружување. Ако се гласа со мастило во друга боја, ливчето ќе биде неважечко.

Алексов додаде дека „Мост“ го следи и денешното предвремено гласање на болните, внатрешно раселените лица и затворениците. Освен доцнење со предавање на материјалот за гласање, други неправилности засега нема, кои доколку бидат забележани јавноста ќе биде известена денеска или во прелиминарните извештаи утре.

Од таму ги повикаа граѓаните ако сакаат да пријават нерегуларности тоа можат да го направат преку телефонскиот број 080 080 080, како и преку интерактивната платформа neregularnosti.most.org.mk

Од асоцијацијата „Мост“ апелираа за одржување на фер и демократски избори, а граѓаните да гласаат по сопствена волја, бидејќи гласањето е слободно, а тајноста на гласот загарантирана.