Новиот премиер Џентилони го претстави новиот состав на италијанската Влада

Сподели

РИМ (АА) – Новиот премиер и мандатар за состав на новата италијанска Влада, Паоло Џентилони, го објави составот на својот кабинет, и со тоа е решена политичката криза во Италија, јавува Anadolu Agency (AA).

По негативниот исход на референдумот за уставни реформи, претходниот шеф на италијанската Влада, Матео Ренци поднесе оставка, а за нов премиер беше именуван Џентилони, досегашен шеф на италијанската дипломатија, кој доаѓа од владејачката Демократска партија (ПД) на Ренци.

Џентилони синоќа во Рим се состана со претседателот на Италија, Серџо Матарела, а по средбата одржа прес-конференција за новинарите, на која го објави составот на новата влада на Италија.

Кабинетот се состои од 20 членови, меѓу кои новиот премиер, пет нови министри, 12 министри што ги задржаа мандатите од претходниот состав и двајца министри кои го сменија ресорот, но останаа во владата.

Најголемо внимание во јавноста привлече именувањето на досегашниот министер за внатрешни работи, Анџелино Алфано за министер за надворешни работи во новиот состав. Досегашната министерка за реформи и односи со парламентот Марија Елена Боски во новиот кабинет ќе ја извршува функцијата прва советничка на премиерот.

Нов министер за внатрешни работи е Марко Минити, министер за економија е Пјер Карло Падоан, а на чело на ресорот одбрана е Роберта Пиноти.

Во новата влада на Италија оформено е самостојно Министерство за спорт, предводено од министерот Лука Лоти, како и Министерство за регионална кохезија, кое ќе го води министерот Клаудио де Винченти.

Премиерот Џентилони изјави дека за многу краток рок составил силен состав на новата Влада, и додаде дека од составот на кабинетот јасно се гледа дека ќе продолжи линијата на иновативна политика на досегашниот премиер Матео Ренци.

Во наредните два дена, за доверба на Владата на премиерот Џентилони треба да се изјаснат и пратениците на двата дома на италијанскиот Парламент.