Господ повторно ги освоил училниците, улиците, селата и градовите, светот… Заради него се војува, заради него луѓе се разнесуваат со бомби, заради него милиони гинат или умираат од глад… Дека е можно тој да не постои е забранета и заборавена тема. Атеизмот денес, се чини дека дури и од перспектива на филозофските катедри, се смета за надживеана реторика. И таквата ситуација, поучно, може да ни покаже дека, всушност, паметта човечка е тргната наназад, во инволуција… Фармацевтите на духот во црни мантии и облеки приготвуваат лековити празновериjа како натприродни сугестивни средства за успивање и зашеметување на човечката свест, совест и памет. Есхатолошката религиозна литература како семоќно-лековита „водичка“ се точи на сите страни, а лесноверната толпа се колне во ефикасноста на овие бескорисни напитоци. Парите и Господ се оние „магии“ што денес ги оправдуваат и простуваат убиствата, кражбите, измамите, лагите, силувањата… Со името на „Таткото, Синот и Светите евра“ се „чисти“ совеста од секојдневните црнила!
А, сите знаат дека сета теистичка тема е страшно досадна. Боли главата од неа. Но, ете, на пример, наспроти тоа, кај нас последниве години со помош на нашиот институционализиран портокалов клерофашизам, се отвараат гробовите, иконите и фреските „плачат“, ѕидовите на црквите „зборуваат“, мртовците оживуваат и се шетаат по улиците, а умрените ванчомихајловци, ќосевци, александровци и аминти, господарат со животот на живите. Нормалните луѓе се природно скептици кон спиритизмот од било кој вид, кон повикување на духовите, а сè што е прекугробно го сметаат за вистински и дефинитивно мртво. Нив им е досадно пречесто да ги гледаат религиозните ритуали, со чија помош им се одзема разумот и слободата. Секако, крајно инфантилно е човек да се возбудува за свечените облеки, темјанот, светите книги, свеќите, хипнотизирачките псалми, попските митри и владичките жезли, светите нафори со вина, обредите на упокојување… Сето тоа се реквизити на една со милениуми долга измамничка игра, која секогаш има за цел, помеѓу останатото, да ги засили и гарантира позициите на духовните и профаните властодршци. Покрај тоа, кај нас навистина стана досадно пречестото повикување на богот-творецот, кој ги инспирира нашиве националшовинисти да ја покријат цела држава со цркви и крстови.
Денешнава сеприсутна религиозност воопшто не изненадува, ако се има во предвид системското сеопшто оглупавување на луѓето преку образовниот систем и средствата за масовна комуникација. И ако е разбирлива и „природна“ пресудната улога на религијата во некои одамна изминати општества од почетоците на човековата цивилизација, сепак неразбирливо е зошто познајнотеорискиот галиматијас нарекуван религиозна догма му е потребна на светот денес? Секако, одамна е познато дека е бесмислено да се расправа и бори човек со претставниците на разните богови на земјата, или со интелектуалците разболени од религиозна треска, оти за сите нив не важи аргументацијата и логиката, туку само нивното слепо и догматско верување.
Можеби од големата присутност на религијата во секојдневниот живот и јавниот дискурс претставува силен показател дека настапило време кога мозокот штрајкува и дека незнаењето негативно дејствува врз појавата и манифестацијата на храбри мисли. Затоа, добро е да потсетам дека слободните мислители отсекогаш биле прогласувани за најцрни непријатели и како такви биле газени до уништување и изложувани на јавен линч. Меѓутоа, да се биде неверник, еретик, шизматик, атеиста, агностик, е природно и нормално, оти по крстоносните војни, по инквизицијата, по Ерменскиот колеж, по геноцидот врз северноамериканските и јужноамериканските индијанци, по Аушвиц и Виетнам, или по…, може да биде верник на некоја монотеистичка религија само некој кој е целосно глуп, луд или необразуван. Впрочем, Хегеловското умување дека Бог сам по себе е секогаш ист и е непроменлива содржина, се само фантазии кои на здравиот разум можат да му служат за потсмев. А, помеѓу многуте други, најеклатантно и најсурово токму тоа и го направил во низа на свои дела луцидниот Фридрих Ниче.
Никогаш не смееме да заборавиме дека низ историјата на светот имало стотици богови, а во името на сите нив, некои нивни претставници на земјата ги благословувале пушките, тенковите, топовите, ракетите со нуклеарни бомби… Моралистичкиот теизам, кој формално требаше да биде регулативен принцип на разумот, уште од 18 век беше целосно деконструиран и делегитимиран, и како таков требаше да биде ставен во изложбените витрини на музеите, а не и во денешни времиња да се јавува како нешто „модерно“ и „прифатливо“. Впрочем, Бертранд Расел, во „Освојување на среќата“, многу бласфемично и точно вели дека „чувството на грев (особено религиозен грев) воопшто не е причина за добар живот, туку напротив. Тоа го прави човекот несреќен и го тера да се чувствува инфериорен“. За некои прашања, како на пример за историските и логичните основи на христијанството, од аспект на здравиот памет и логиката одамна е речено сè, а од Волтер до Чомски е печатено доволно аргументација за да не мора да се каже ниту збор повеќе во наредните илјада години. И тоа време, сè уште, не е поминато.