Судијката Татјана Михајлова на судењето против обвинетиот Груевски, до Фетаи: Јас сум овде само англиска кралица, а вие правете што сакате

Сподели

Нервозна и на висок тон, судијката Татјана Михајлова, која денеска го отвори судењето против обвинетиот Никола Груевски и уште 13-мина други за насилствата во општина Центар и нарачаните шамари за Андреј Жерновски, три пати ја опомена специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи и ѝ се закани дека ќе ја казни. Михајлова ѝ го одзеде зборот на Фетаи и најави дека ако продолжи да ја прекинува и да ја коригира, ќе биде отстранета од судницата, пренесе СДК.

„Јас сум тука да си ги бранам своите права кои ми следуваат според Законот за кривична постапка и нема да отстапам, а вие слободно казнувајте го тој што заслужил, чесен суде“ кажа Фетаи.

Судијката Михајлова првин ја искара специјалната обвинитела зашто ја искоригира кога обвинетите ги нарече осомничени. Фетаи ѝ рече дека се работи за обвинети, а не осомничени, на што Михајлова ѝ одговори: „ Ти мене ќе ме коригираш“.

Судијката, пред присутните обвинети, Никола Груевски, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова, постојано ѝ се обраќаше на Фетаи со висок тон.

 „Јас нема да ви дозволам предметот да го претворите во циркус, нема. Ова е судница број еден и јас сум судија. Нема да ви дозволам да правите театар“, рече Михајлова.

Фетаи само ја погледна и не ѝ одговори.

Специјалната обвинителка имаше забелешка до Судот, зошто СЈО добило покана за главна расправа, а судијата место главна расправа почна подготвителна расправа. Притоа, Фетаи рече дека од таа причина не ги носи доказите денеска со себе, сметајќи дека како за главна расправа, редот на нештата е сослушување на обвинетите и на сведоците, а потоа следува изведување на доказна постпака и затоа ги оставила доказите во просториите на СЈО.

„Вие доказите секогаш треба да си ги носите со вас. Ова не е таков случај за кој треба докази да се носат со камиони. Јас сум овде само англиска кралица, а вие правете што сакате. Ќе казнувам и ќе отстранувам, не ме принудувајте“, ѝ одговори судијката Михајлова.

Бранителот Никола Додевски побара предлогот на СЈО да се сослуша сведок со статус загрозен да се отфрли, бидејќи немало потреба за такво нешто или, пак, да се примени Законот за заштита на сведоцци. Тој патем предложи и да се отфрли доказот ЦД со снимка од бомбите.

Во моментов во Судот се преслушува бомбата, по што судот треба да одлучи дали ќе се отфрли како доказ како што предлага одбраната на Груевски или ќе се прифати.

Извор: СДК