ДИК го одби и последниот приговор на СДСМ

Сподели

Со четири гласа „за“, четири „против“ и еден воздржан, ДИК вечерва го отфрли приговорот на СДСМ за гласачкото место 2011 во Теарце, во шестата изборна единица. За одлуката не гласаше претставникот на ДУИ во ДИК, Субхи Јакупи, кој претходно рече дека експертите треба да одлучат за последниот предлог и се иззеде од гласањето.

Согласно Изборниот закон одлуката на ДИК се смета за донесена ако за неа гласале мнозинството на членови на комисијата.

Приговорот на СДСМ се однесуваше на тоа што на ова гласачко место, на почетокот на гласањето било констатирано дека недостига гласачко ливче, кое на крајот при пребројувањето на гласовите било најдено во избирачката кутија.

Коалицијата предводена од СДСМ до ДИК поднесе вкупно осум приговори за текот на изборниот процес, но вчера пред почетокот на седницата на комисијата, беа повлечени два приговора.

Другите пет приговори на коалицијата предводена од СДСМ беа одбиени.

Изминатите денови, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар.

И денеска, како и во изминатите три дена, приврзаници и функционери од ВМРО-ДПМНЕ протестираа пред ДИК, кои како што рекоа, дека се обидуваат да ја зачуваат демократијата во Македонија и да не дозволат да се фалсификува изборната волја на народот. На денешниот протест тие носеа голем транспарент, на кој беше испишана порака до американскиот амбасадор „Бејли тргни ги рацете од Македонија“.

Порака од пред ДИК до американскиот амбасадор и до другите амбасадори упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој соопшти дека Извршниот комитет на партијата донел проглас со кој се соопштува дека нема да учествуваат на прегласувањето и оти го напуштат форматот на преговори со други партии, а на кои учествуваат странски амбасадори.

Во меѓувреме, тече 24-часовниот рок за тужби по решенијата на Државната изборна комисија. По поднесувањето на тужбите, пет судии од Управниот суд, избрани по пат на жрепка, во рок од 48 часа на јавна седница треба да одлучат како ќе постапува по тужбите, а одлуките во рок од 24 часа треба да се објават на веб-страната на судот, како и на веб-страницата на ДИК.

ДИК ги проби законски предвидените рокови во Роковникот за изборите. Имајќи го предвид тоа конечните резултати од предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември, би можело да бидат објавени најдоцна на 21 декември, односно по одлуката на Управниот суд и доколку нема прегласување на некое избирачко место. Во случај да има прегласување, тоа треба да се одржи на 25 декември.

meta.mk