Најстарата ќерка на Садам Хусеин го даде првото интервју една деценија по неговата егзекуција
Во декември 2006 година, Рагад Садам Хусеин гледала како нејзиниот татко го водат кон бесилката. Таа ги гушнала своите деца и нејзината сестра седејќи во комплетен молк пред телевизорот во Аман, главниот град на Јордан, каде нашла засолниште по американската инвазија на Ирак во 2003 година.
Денес, десет години подоцна, првпат проговорила во медиумите. „Деталите за смртта се грди и болни, но сепак тоа беше храбра смрт“, изјавила таа за CNN. Нејзиниот татко, поранешниот ирачки диктатор, со дигната глава отиде на бесилка. Кога џелатот му ја ставил ортомата околу вратот, ирачката телевизија го прекинала директниот пренос. Неколку часа подоцна, се појавила снимка од неговата егзекуција. Публиката му скандирала: „Муктада! Муктада!“ Тоа било името на шиитскиот верски лидер Муктада ал-Садр, на што Садам им одговорил: „Зарем вака се однесуваат вистинските мажи?“
Одлучноста на ирачкиот народ
„Не верувам дека би можел да замине во смрт со покорност. Тоа беше заминување во смрт на начин со кој јас се гордеам, а исто така и моите деца. Тоа беше смрт со која се гордеат сите кои го сакаа“, раскажува Рагад, но и самата признава дека никогаш не ја гледала снимката од последните моменти на некогаш најмоќниот човек во Ирак.
Тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш ги пофалил Ирачаните и кратко по смртта на Садам изјавил: „Погубувањето не би било можно без одлучноста на народот на Ирак за создавање на општество каде ќе владее правото.“ Меѓутоа, секташката струја што го испрати Садам во смрт и денес е сенка над Ирак, кој сè уште е длабоко поделено општество во кое различните деноминации на исламот почесто меѓусебе се гледаат преку нишан отколку на преговарачка маса.
Политичката сензитивност на Трамп
Рагад смета дека новиот претседател на САД, Доналд Трамп, е различен од своите претходници. „Иако само што стапи на лидерската позиција, очигледно е дека поседува високо ниво на политичка сензитивност. Ги разобличи сите грешки на своите претходници, особено кога станува збор за Ирак. Тоа значи дека е свесен за грешките во Ирак и за она што му се случи на мојот татко“, вели Рагад.
Иако за себе вели дека е далеку од политичките води, властите во Ирак во неколку наврати ја обвиниле дека е поддржувач на антиирачката фракција. Порано ја обвинувале дека ја поддржува забранетата партија Баат, а во поново време ја сомничат и за поддршка на Исламската Држава. „Се разбира дека немам никаква врска со таа групација или со кои било екстремисти. Идеологијата на целото мое семејство нема никаква врска со екстемистите“, тврди таа.
Текстот во целост прочитајте го тука