По кратко боледување вчера вечерта (петок), во кругот на семејството почина писателот Мето Јовановски (1928-2016) на 88 годишна возраст. Јовановски беше беше претседател на Македонскиот ПЕН центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Ќе биде погребан в недела во неговото родно Брајчино, преспанско.
Во кариерата долга 6 децении, Мето Јовановски неговото творештво брои над 30 книжевни дела. Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца, а од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици, а Јовановски преведуваше од англиски и руски јазик. Автор е на расказите и негови најпоззнатии дела преведувани на повеќе светски јазици: „Јадреш“, 1957, „Мени на мојата месечина“, 1959, „Првите човекови умирања“, 1971, „Патот до осамата“, 1978, „Крстопат кон спокојот“, 1987, „Љубовта на Грифонот“, 2005. Ги напиша романите „Хајка на пеперутки“, 1957 „Слана во цутот на бадемите“, 1965, „Земја и тегоба“, 1968„Сведоци“, 1970„Будалетинки“, 1973, „Орловата долина“, 1979, „Крлежи“, 1984 и„ Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, 1992. Автор е и на две книги за деца „Љуман армијата“ од 1954 и „Војвода над војводите“ од 1980.
Јовановски го напиша и патеписот „Клучевите на Манхатан“, 1983, а има напишано и радио и тв драми. Составувач е на антологијата „Една друга Америка“, 1978 и на лексиконите „Кој е кој, што е што“, 1963 и „Мал литературен лексикон“, 1971.
Мето Јовановски го негуваше и афирмираше македонскот јазик, а во еден од неговите последни написи, колумна за „Утрински весник“ со наслов „Напуштање на јазикот, татковината“, Јовановски зборува токму за негрижата на нашиот јазик во литературата.
Мето е татко на три деца, Билјана, Борјан и Светлана.
Во понеделник во 13 часот ќе се одржи комеморација во ГЕМ клубот во Скопје.