Активисти ќе маршираат од Берлин до Алепо

Сподели

БЕРЛИН (АА) – Активисти од цела Европа утре ќе започнат марш долг речиси 3.000 километри, од Берлин до Алепо, преку Турција, со цел обезбедување итен и непречен хуманитарен пристап до сите опколени области во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

Блогерката и новинарката од Полска, Ана Албот, ги повика сите да се придружат на маршот во Берлин, со цел да им покажат на европските политичари колку е важна хуманитарната трагедија во Сирија.

„Се надеваме да ни се приклучат 3.000 лица во Темпелхоф, кога ќе започнеме од Берлин. Знам дека многу лица од Берлин ќе дојдат само да не поздрават и да ни посакаат среќа, и да ни кажат дека не поддржуваат”, истакна таа за AА.

Граѓанскиот марш за Алепо ќе обедини десетици активисти од различни европски земји, кои ќе се движат кон Алепо. Маршот ќе започне утре од поранешниот аеродром Темпелхоф во Берлин, кој сега служи како дом за стотици бегалци од Сирија.

Откако Албот и нејзините пријатели минатиот месец ги објавија своите планови на социјалната мрежа Фејсбук, повеќе од 13.000 лица ја изразија својата поддршка за иницијативата, а над 2.500 лица ветија дека ќе се придружат на маршот првиот ден.

Албот рече дека оваа иницијатива нема никаква поврзаност со ниту една политичка партија и организација, туку дека е со цел да ги обедини просечните луѓе кои сакаат да сторат нешто за да се спречи страдањето во Сирија.

„Јас сум мајка. Живееме во Берлин. Имам две мали деца. Кога ги гледав снимките од Алепо, кои ги гледавме сите ние, ги почувствував тие деца како мои деца. Тоа длабоко се врежа во мене”, изјави таа, додавајќи дека идејата за организирање на маршот ја добила откако зборувала со своите пријатели на Фејсбук.

„Ги изразив своите чуства дека сум беспомошна пред мојот компјутер додека го гледам тоа… одев на демонстрации и испраќав пари до организациите, но си помислив дека тоа не е доволно. Во тој момент сфатив дека ширум Европа постојат луѓе кои се наоѓаат во истата ситуација како мене. Тие ми одговорија… просечни луѓе, исти како мене, луѓе кои имаат направено доволно, но сепак немаат решенија за големите конфликти, луѓе кои не сакаат да останат тивки”, изјави таа.

– „Сакаме да ги принудиме политичарите да донесат одлуки” –

Албот изјави дека во момент кога неодамнешните случувања во Алепо имаат симболична важност, нивниот марш ќе помогне да се подигне свеста за хуманитарната трагедија во опколените области во Сирија, и ќе ги притисне политичарите да им помогнат на сириските цивили.

„Не мислам дека луѓето не можат да сторат ништо. Ако луѓето се одлучни, тие можат да сторат многу нешта. Јас мислам дека доколку бевме концентрирани во тој правец и доколку не им покажевме на политичарите дека се грижиме, тие немаа да сторат ништо”, изјави таа.

„Но сега, кога застанавме и правиме нешто, одиме во Алепо преку овој голем марш, би сакала тие да видат дека се грижиме. Сакам да ги принудиме да донесат одлуки”, нагласи таа.

Организаторите истакнаа дека маршот ќе биде отворен за сите, вклучувајќи и членови на политички организации или партии на кои им е грижа за Сирија, но дека за време на маршот ќе дозволат само бели знамиња.

Рутата до Алепо ги води активистите преку Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Грција и Турција.

Преку настаните во различни градови долж рутата се планира да се подигне свеста за случувањата во Сирија и да се обезбеди хуманитарна помош до опколените области. Активистите се надеваат да стигнат во Алепо за три и пол месеци.

Десетици илјади цивили беа евакуирани од Алепо минатата недела, откако Турција и Русија постигнаа договор за прекин на огнот.

Но, противзаконските убивања и кршењата на човековите права во областите, неодамна преземени од страна на режимските сили, останаа проблем.

Според Обединетите нации (ОН), најмалку на 300.000 цивили во одредени опколени области до кои е тешко да се стигне, им е потребна итна хуманитарна помош.

Сирија е заробена во сурова војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост на про-демократските протести.

Оттогаш, според ОН, повеќе од 250,000 лица се убиени, а над 10 милиони лица се раселени.

Според Сирискиот центар за политички истражувања, бројот на загинати во конфликтот кој трае шест години, изнесува повеќе од 470.000 лица.