Државната изборна комисија денеска на овластените претставници на политичките партии им ги врачи уверенијата за добиените пратенички мандати.
На предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.
Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, рече дека извештајот за спроведените избори до Собранието ќе биде доставен во текот на денешниот ден. Освен до Собранието, извештајот ќе биде доставен и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги и ќе биде објавен на официјалната веб-страница на ДИК.
Чичаковски уште еднаш повтори дека изборите биле спроведени во согласност со законските прописи и дека поминале во фер и демократска атмосфера.
Претставникот на СДСМ, Стефан Богоев, рече дека ставот на партијата е што поскоро да се свика Собранието за да може побргу да се формира владата.
– Поради деликатноста на ситуацијата во која се наоѓа Македонија во моментов, само би истакнал дека нашиот став е час поскоро да се свика Собранието на конститутивна седница, за што побргу да може да се формира новата влада бидејќи, како што видовме на минатите избори, граѓаните гласаа за промени и граѓаните очекуваат промени. Затоа би нагласил дека очекуваме Собранието што поскоро да се свика за да може новата влада да биде избрана и Македонија конечно да оди напред – рече Богоев.
Арбер Адеми од ДУИ рече дека сите треба да се фокусираат на реформските процеси за да се врати земјата на евроатланскиот пат, а од Собранието и од Владата очекува да работат за доброто на сите.
Конституирањето на Собранието треба да се случи најдоца до 31 декември, односно 20 дена по одржаните избори.