Исчезна грчкиот амбасадор во Бразил

Сподели

Грчкиот амбасадор во Бразил, Кирјакос Амиридис, е исчезнат една недела и постои сомнение дека е убиен за време на неговиот одмор во Рио де Жанеиро.

Грчките медиуми пренесуваат информација од „Ројтерс“ дека бразилската полиција нашла јагленосано тело во автомобил со регистарски таблички кои одговараат на регистрацијата на автомобилот што во Рио де Жанеиро го изнајмил амбасадорот. Засега нема официјална потврда дека изгореното тело е на грчкиот амбасадор.

Пронајденото тело е однесено на вештачење и се очекуваат официјални информации од бразилските и од грчките власти. Белиот автомобил во кој е најдено телото бил пронајден изгорен.

Во грчките медиуми вчеравечер протече вест дека грчката амбасада трага по амбасадорот кој е исчезнат три дена откако бил заминат на зимски одмор во Рио де Жанеиро. Според информации во „Катимерини“, амбасадорот го снемало по посета на една фавела во Рио де Жанеиро.

Откако „трилерот“ со исчезнувањето на амбасадорот беше објавен во грчките медиуми, информацијата ја потврди и грчкото министерство за надворешни работи.

Во соопштението се вели дека грчката амбасада во Бразил била известена вчера од семејството на амбасадорот дека од 26 декември не се во можност да стапат во контакт со него. Амбасадата и грчкото МНР веднаш побарале од бразилските власти да поведат истрага за да се најде амбасадорот.

Амиридис е професионален дипломат и долги години е дел од грчкото МНР. Бил амбасадор во Европската Унија, Либија, од 2001 до 2004 бил конзул во Рио де Жанеиро, а за амбасадор во Бразил беше поставен во јануари 2015 година.

meta.mk