Шилегов: По налог на УБК се проверува работата на 22 невладини и на 42 лица, критичари на власта

Сподели

Портпаролот на СДСМ и пратеник во Собранието, Петре Шилегов, денеска рече дека според информациите што ги имаат, по иницијатива на актуелниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и поранешен директор на Управата за финансиско разузнавање, Владимир Атанасовски, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) побарала проверка за 22 невладини организации.

– Управата за финансиско разузнавање, според информациите, отворила проверки за 22 невладини организации. Отворени се проверки и за 42 физички лица, отворени критичари на владеењето на Груевски и опозиционери – рече Шилегов.

 Тој порача дека Антикорупциската комисија и Управата за финансиско разузнавање не смеат да бидат „инструмент на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на неговите соработници, кои за лични интереси сакаат да се пресметуваат со демократската јавност.

– Им порачуваме на државните институции да не помислат да подлегнат на притисоците што се обидува да им ги прави исплашениот Никола Груевски во последните денови на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски и криминалната власт се веќе минато. Мнозинството граѓани на Македонија избраа промени. Доаѓа нова одговорна влада на граѓаните на Република Македонија. Ќе има одговорност за сите што работеле против интересите на граѓаните или биле соучесници на режимот во противзаконски и непрофесионални активности – нагласи Шилегов.