Беса: Албанците се подготвени да поддржат една заедничка кауза

Сподели

Централното претседателство на Движењето Беса усвои декларацијата на албанските партии во Македонија за да покаже дека Албанците се подготвени да поддржат една заедничка кауза, соопштија денеска од Беса.

„Оваа декларација, која е составена од страна на албанскиот фактор и е поддржана од страна на албанските партии во Македонија, а за која ниту една посебна албанска партија нема посебна заслуга туку сите се подеднакво заслужни, ја изразува заедничката волја која било партија што денеска и во иднина може да биде дел од власта, да се залага со која било владина програма и со кој било македонски партнер овие точки да бидат главен приоритет врз основа на кој ќе се поддржи одредена владина програма“, стои во соопштението.

Од Беса истакнуваат дека денеска промовираната заедничка изјава со ДУИ и Алијанса за Албанците е во целосна согласност со платформата и со изборната програма на Движењето Беса и оти партијата истовремено ќе продолжи да ја афирмира и својата платформа.

Платформата на ДУИ, Беса и на Алијанса на Албанците се состои од седум главни точки кои се однесуваат на рамноправноста која е предвидена со Охридскиот договор и со Уставот, на рамноправен економски и регионален развој, на зајакнување на владеењето на правото, на создавање дух на доверба во меѓуетничките односи, на решавање на спорот за името, на градење добрососедски односи и на брза интеграција на земјата во ЕУ и во НАТО.