Иванов денеска треба да го додели мандадот за премиер и за нова влада

Сподели

Денеска е последниот ден од десетте дена во кои претседателот на државата, Ѓорге Иванов, треба да го додели мандатот за формирање на новата влада „на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието“, по предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември.

„Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, стои во членот 90 од Уставот.

На предвремените парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49 мандати, ДУИ – 10, движењето Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА има 2 мандати.

Засега ниту една од партиите не сака официјално да каже дали се преговара за коалиција за составување на новата влада. Неофицијално, за коалиција од минимум 61 пратеник има повеќе комбинации, но сè уште е неизвесно кој ќе ја формира новата влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ по изборите на 11 декември соопштија дека тие како победници на изборите остануваат „посветени на идните чекори околу формирање нова влада“, за чие составување мандатот му припаѓа на лидерот на партијата, Никола Груевски. Од друга страна, лидерот на СДСМ повеќепати изјави дека на изборите победил концептот на СДСМ, за демократски промени во државата и дека Македонија „ќе добие влада што ќе работи во интерес на сите граѓани во државата“, притоа отворено алудирајќи дека тој ќе биде новиот премиер.

Лидерите на албанските партии ДУИ, движење Беса и Алијанса за Албанците, Али Ахмети, Билал Касами и Зијадин Села, на 7 јануари ја објавија заедничката платформа која, како што велат, ќе ги биде основата во преговорите за формирањето на новата влада.

Заедничката платформа на трите партии, кои обезбедија пратенички мандати во Собранието, произлезе по нивните средби со албанскиот премир Еди Рама и со косовскиот претседател Хашим Тачи.

meta.mk