Комеморација за загинатите во хеликоптерската несреќа во катлановско Блаце

Сподели

По повод деветгодишнината од трагичната хеликоптерска несреќа, во која загинаа 11 припадници на Армијата на Република Македонија (АРМ) при враќањето од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, делегации од кабинетот на претседателот, Министерството за одбрана, АРМ, како и роднини на загинатите војници, положија венци на споменикот на касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и на местото на несреќата, нa ридот во катлановско Блаце, јавува Anadolu Agency (AA).

На комеморацијата и одбележувањето на годишнината од трагичната хеликоптерска несреќа присуствуваше и македонскиот министер за одбрана, Зоран Јолевски.

Припадниците на АРМ кои требаа да се вратат дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година полетаа од базата „Бутмир“ во Сараево, за да слетаат на воениот аеродром во Скопје. Хеликоптерот го оствари последниот контакт со караулата на шест милји пред пристигнувањето до целта.

За несреќата беа комплетирани два извештаја, еден од Јавното специјално обвинителство на Македонија, во кој се наведува дека причината за хеликоптерската несреќата била тоа што пилотите немале обука за справување во сложени климатски услови, и другиот извештај од странски експерт, според кој причина за несреќата биле тешките временски услови.

Инаку, АЛТЕА е мировна мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина, која започна во 2004 година, а Македонија за првпат испрати свои претставници во 2006 година. Учеството во оваа мисија за Македонија беше многу важно. Освен придонесот во меѓународната безбедност, Македонија покажа и напори за нејзината интеграција во ЕУ.