Дирекцијата за заштита на личните податоци минатата недела добила повеќе иницијативи за вршење на инспекциски надзор врз медиуми, односно информативни интернет-портали, „заради утврдување на прекршувања на Законот за заштита на личните податоци“.
„Им укажуваме на сите онлајн-портали и печатени медиуми дека е потребно да иницираат бришење на личните податоци, односно минимизирање на обемот на личните податоци што се објавуваат во согласност со целта која треба да се исполни при објавата, заради правично, соодветно, релевантно и не преобемно утврдување на категориите на лични податоци (презиме, име, адреса на живеење (населено место и улица), податок за своерачно потпишување) на граѓаните (субјекти на лични податоци). Воедно, укажуваме на член 8 од Законот за заштита на личните податоци, во согласност со кој забранета е обработката на посебните категории на лични податоци, односно обработката на матичниот број на граѓанинот“, стои во соопштението од Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Оттаму појаснуваат дека во согласност со членот 9 од Законот за заштита на личните податоци, матичниот број на граѓанинот може да се обработува само по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци, за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и во други случаи утврдени со закон.
Контролорот (фирмата, медиумот, н.з.), се додава во соопштението, е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.
„Согласно член 5, став 1, алинеи 1, 2 и 3 од Законот за заштита на личните податоци, личните податоци се обработуваат правично и во согласност со закон, се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели, а се соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и се обработуваат“, се наведува во соопштението.