Доналд Трамп оцени дека Европската Унија станала инструмент за Германија и дека по Велика Британија, и други земји членки ќе ја напуштат Унијата.
Во заедничко интервју за најтиражниот германски весник „Билд“ и за британскиот весник „Тајмс оф Лондон“, Трамп вели дека германската канцеларка Ангела Меркел е најмоќниот европски лидер, но дека направила „катастрофална грешка“ примајќи повеќе од милион бегалци.
– Ако ја погледнете ЕУ, тоа е суштински инструмент за Германија – изјави Трамп, притоа поврзувајќи го прашањето за мигрантите со британскиот референдум за излез од ЕУ.
Трамп изразил уверување дека Брексит не би се случил доколку земјите на ЕУ, со сите сопствени проблеми, не биле принудени да прифатат толкав број беглаци. Тоа, според него, била последната капка што ја прелеала чашата.
Тој оцени дека Велика Британија постапила паметно кога одлучила да излезе од ЕУ.
– Земјите сакаат свој идентитет и Обединетото Кралство го сака својот идентитет. Луѓето не сакаат други да им доаѓаат и да им ја уништуваат земјата. Во оваа земја (САД) ќе имаме многу јаки граници од денот кога ќе дојдам на функција – рече Трамп, оценувајќи дека и други земји од ЕУ ќе тргнат по патот на Британија.
Говорејќи за надворешно-политичките цели на својот мандат, Трамп рече дека приоритет ќе му биде да направи праведни трговски договори за САД и да го намали трговскиот дефицит на САД со остатокот од светот, особено со Кина.
На прашањето за можна спогодба со Русија, Трамп вели дека таа би требало да вклучува „значително намалување“ на нуклеарното оружје во замена за укинување на американските санкции.
За инвазијата на Ирак во 2003 година, Трамп вели дека тоа веројатно била најлошата одлука донесена во историјата на САД, а кога станува збор за Сирија, смета дека треба да бидат формирани безбедносни зони.
Трамп за НАТО вели дека застарела и оти сите членки не плаќаат колку што треба, но оти тој воен сојуз за него е „особено важен“.