Владата на Оман прифати десет затвореници од Гвантанамо во пресрет на заминувањето на американскиот претседател Барак Обама, кој вети дека ќе го затвори американскиот затвор на Куба до крајот на неговиот мандат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од американското Министерство за одбрана не беа дадени повеќе информации.
Во соопштението на оманското Министерство за надворешни работи, кое го пренесе оманска новинска агенција, се наведува дека Оман ги прифатил затворениците од Гвантанамо „по барање на Обама“.
Имињата на затворениците не се наведени.
Султанатот Оман, на источниот брег од Арапскиот Полуостров, во јануари минатата година прифати десет затвореници од Гвантанамо, по потекло од Јемен. Шестмина затвореници се прифатени и во јуни 2015 година.
Јемен, која е една од најсиромашните арапски земји, веќе две години е зафатена со војна, што оневозможува државјаните на таа земја притворени во Гвантанамо, да бидат вратени во татковината.
Соединетите Американски Држави (САД) не ги испраќаат затворениците, државјани на Јемен, назад во оваа земја поради војната која се води таму, туку изнаоѓаат земји кои ќе ги прифатат поранешните затвореници.
На почетокот на декември од затворот во Гвантанамо беше ослободен затвореникот Шефки Авад Балзухеир од Јемен, и беше испратен во западноафриканската островска земја Зелено’ртски Острови.
Претходните денови, американските власти потврдија дека 19 од вкупно 55-те затвореници, колку што останаа во Гвантанамо, ќе бидат ослободени во последните денови од претседателствувањето на Обама.
Обама, на почетокот на својот прв мандат рече дека ќе го затвори Гвантанамо, а во годините што следеа од тој американски затвор беа пуштени стотици луѓе.
САД го отвори Гвантанамо во 2011 година во рамките на борбата против тероризмот.