Просечната исплатена плата во регионот, според последните податоци од минатата година, во Словенија изнесуваше 1.020,40 евра, а најмалата во Македонија 363,80 евра (22.460 денари), покажува анализата на Anadolu Agency (AA).
Според последните податоци, просечната плата во Хрватска изнесува 749,70 евра (5.642 куни), во Црна Гора е 503 евра, во БиХ 428 евра (837 КМ), а во Србија 369,70 евра (45.767 динари).
Покрај тоа што најмалата просечна плата во регионот е во Македонија, според последните податоци од октомври минатата година, таа е помала за 9,20 евра отколку платата исплатена кон крајот на 2015 година, односно во почетокот на минатата година. Последната исплатена плата била 363,80 евра, додека во претходниот период изнесувала 373 евра. Просечната плата во БиХ е намалена за 2,5 евра. Имено, според последните податоци, за септември минатата година таа изнесувала 428 евра, а кон крајот на 2015 година и почетокот на минатата година изнесувала 430,50 евра.
Иако според податоците за октомври минатата година, просечната плата во Словенија од 1.020,40 евра била најголема во регионот, таа е за 15,2 евра помала во однос на онаа исплатена една година претходно во Словенија, кога изнесувала 1.035,60 евра.
Исто така, според последните податоци за октомври минатата година, и просечната плата во Хрватска е помала за 12,3 евра во однос на крајот на 2015 година. Имено, во октомври минатата година изнесувала 749,70 евра, а кон крајот на 2015 година 762 евра.
Постојан раст бележи просечната плата во Црна Гора, која минатата година се зголеми за 13 евра. Имено, на почетокот на минатата година изнесувала 490 евра, а последната исплатена плата, според податоците за ноември минатата година изнесувала 503 евра.
И покрај тоа што се зголеми најмногу, дури за 42,70 евра, просечната плата во Србија и понатаму е меѓу најмалите во регионот. Така, на почетокот на минатата година изнесуваше 327 евра, а пак според последните податоци за ноември минатата година таа изнесувала 369,70 евра.